(ВИДЕО) Синоќа се одржа првата трибина во Могила, во рамки на кампањата „Договорно производство на сончоглед“

Вести

Во општинската сала на Могила, во битолско, вчера се одржа трибина во организација на Канцеларијата на Претседателот на Владата и МЗШВ, во рамки на кампањата за Договорно производство на сончоглед.
На оваа трибина се оствари средба на работната група предводена од Ленче Николовска, посебна советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија со земјоделци од пелагонискиот крај.

На средбата се разговараше за начинот, условите и можностите кои ги нуди откупувачот и сите чинители во овој процес.
Седебатираа сите потребни информации, сугестии и размислувања меѓу земјоделците и работната група која ќе го следи целиот процес, од склучување на договорите до откуп.

-Во Могила ја одржавме првата трибина за Договорното производство на сончоглед. Големиот интерес на земјоделците покажува дека сме на вистинскиот пат, а нивните сугестии беа во насока да успее овој начин на соработка со откупувачот, истакна Николовска.

Прашањата кои ги поставуваа земјоделците се однесуваа на потребата од дополнителна земја за обработка, квалитетно и поевтино семе како и повисоки субвенции за сончоглед.

-Површини кои досега беа под пченица или беа необработени предлагаме да ги насеете со сончоглед. Ќе добиете регрес семе, а ќе имате гарантиран откуп. Цената ќе биде пазарна но со зголемени приноси и субвенции и ќе ви се исплати производството, рече Николовска.

Директорот на АД “Благој Ѓорев” – Велес, Горанчо Лазов, ги охрабри присутните, и вети дека редовно секогаш се плаќало однеговата компанија,така и ќе продолжи.

-АД „Благој Ѓорев“ – Велес има капацитет за преработка на 40 000 тони сончоглед, а од домашно производство обезбедува само 2000 тони. Ниви имаме, земјоделци имаме, пласман има, останува само да се организираме, истакна Лазов.

На трибината беа присутни претставници од МЗШВ и сите институции од областа на земјоделството, домашни и бугарски експерти како и претставник од реосигурителната компанија Европа Ре.

Николовска потенцираше дека едукацијата на земјоделците е круцијална.

-Едукација и само едукација! Дали преку медиуми, на терен, од село во село, од фарма до фарма…треба да надокнадиме изгубени 10 години и во овој дел. И да се тргне партиското влијание во руралните средини кое е штетно за земјоделците. За тоа ќе мора и сами да се изборат. Ваквото штетно влијание на поединци може само да ги кочи во овие процеси на едукација и модернизирање на земјоделското производство кои ги води Владата, истакна Николовска.

 

Ленче Николовска како посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија, работи активно и посветено за подигнување на најзначајната гранка за општетсвото – земјоделството. Таа порача дека земјоделците мораат да се сплотат, да не се политизираат и манипулираат, и резултатите за многу скоро ќе бидат видливи. Нејзината работа единствено е насочена кон современо земјоделство, нови и модерни технологии, обезбедуање сигурен откуп и фиксни цени за сите производители.

Работната група во рамки на кампањата за Договорно производство на сончоглед, во организација на МЗШВ и Канцеларијата на Претседателот на Владата и посебната советничка за земјоделство, Ленче Николовска,  ја сочинуваат:

1. Ленче Николовска, посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на Република Македонија;

2. Никола Бабовски , директор во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој;

3. Благој Индов, директор на Државен инспекторат за земјоделство;

4. Авдуљ Селам-Селами, заменик директор во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој;

5. Јулијана, претставник на МЗШВ;

6. Горанчо Лазов, директор на АД “Благој Ѓорев” – Велес;

7. Митат Исмаиловски, земјоделски производител – Будаково;

8. Никола Ѓероски, земјоделски производител;

9. Александар Стојанов, земјоделски производител;

10. Проф.Златко Арсов, Факултет за земјоделски науки и храна;

11. Ангела Геровска Ѓуровска, советник за органско поризводство и воведување на нови технологии при ѓубрење.

Следната работилница ќе биде на 13.12.2018 на која ќе присуствува и министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Во кој регион ќе биде втората средба дополнително ќе информираме. Планот е до почеток на март месец, пред сеидба да се одржат повеќе трибини за да се информираат земјоделците од сите региони каде што успева сончогледот.

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *