И годинава доаѓа до израз петтата проектирана функција на системот Стрежево – заштитен прстен од поплави од страната на подпелистерското сливно подрачје. Максималното ниво на алиментациониот канал и зголеменото ниво на реката Шемница забрзано го полнат Стрежевското Езеро.
Деновиве соодносот на влез и на излез изнесува 15 спрема 1, што овозможува за едно деноноќие да се акумулират и до еден милион метри кубни вода. Досега акумулирани се 87 милиони метри кубни вода, или три четвртини од капацитетот. Анализите велат дека овој и следниот месец дотоците ќе бидат зголемени. Ќе продолжиме со прибирање на водите, но ќе внимаваме и на безбедносниот аспект, велат од менаџерскиот тим.
„Кога во наредните денови ќе достигнеме до 90 милиони метри кубни вода ќе го активираме планското испуштање на вода“, вели директорот на ЈП Стрежево, Методија Граматковски.
Анализите дека во следниот перид ќе се слеат уште 30- ина милиони метри кубни вода, во погон ги ставија сите минихидроцентрали на акумулацијата.
„Двете хидроцентрали по алиментациониот канал работат со полн капацитет. Со слично темпо работат и хидроцентралите на брана и биолошки минимум“, вели директорот на ЈП Стрежево.
Последниот влажен бран донесе нови главоболки за земјоделците. Велат, стартот на пролетната сеидба доцни над половина месец, а подготовките тешко ќе започнат и до Велигден.
„Досега требаше да бидат нивите изорани и топлината да влезе во почвата, вака парцелите затревија и тешко ќе оди ќе влијае и на приносите на некои култури“, вели земјоделецот Беадин Салиевски.
Салиевски смета дека за 30 до 50 насто негативно ќе се одрази на приносите кај компирот.
„Во нормални услови кај нас приносот достигнува 50 тони од хектар, е па замислете кои финансиски импликации би се случиле“, вели земјоделецот Салиевски.
Засега никој не може да каже во колкави размери ќе бидат пробивани оптималните рокови и на колку хектари ќе биде спроведена пролетната сеидба.