Денеска е 11. декември, Меѓународен ден на планините.
„Планините се значајни за младите“ е темата на годинешниот ден на планините, според ФАО.
Младите се активни двигатели на промените и идните лидери од кои се очекува да ги чуваат планините и нивните природни ресурси.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се приклучува кон одбележувањето на овој ден, со оглед дека нашата држава е главно планинска земја.
Просечната надморска височина изнесува 832 м. Дури 80% од територијата на државата им припаѓа на планините. Ние имаме 70 планини од кои 18 се повисоки од 2000 метри надморска висина. Нашите планини се одликуваат со живописни предели, ендемски видови, богатство на флора и фауна и исклучително импресивна понуда за планински спортови, за развој на рурален туризам и поднебје за научни истражувања.
Животот во планинските подрачја има своја посебност, убавина на недопрена природа но и изложеност на потешки природни услови, како што се ниски температури, пократок вегетациски период, поизразена суша, плитко и каменесто тло.
МЗШВ ја препознава специфичноста на одржување земјоделско стопанство на планина преку мерката 211 „Помош за земјоделски стопанства во подрачја со ограничени можности“, од Програмата за рурален развој. Преку оваа мерка висината на директни плаќања за вршење на земјоделска дејност во планинските подрачја за производство е за 15% повисока од основната сума.
Во подрачја над 700 метри надморска висина, дефинирани како планински подрачја, регистрирани се вкупно 13 674 земјоделски стопанства со 55 519 парцели и со вкупна површина од 41 404 хектари. Токму поради овој факт, МЗШВ и понатаму ќе креира политики за развој на овие подрачја, ќе превзема активности за континуирано подобрување на условите за живот во рурални средини, за промоција на земјоделските производи кои потекнуваат од еколошки подрачја и кои во себе ги имаат вградено традиционалните вредности на производство и живот,со цел да им овозможиме на идните млади генерации квалитетен и непречен развој.
„Современо Земјоделство“