Трговците во Струмичко бараат килограм повеќе градинарски производи и грозје

Вести

Трговците и извозниците од Струмичко бараат килограм повеќе градинарски производи и грозје за да можат да ги исполнат договорните обврски кон странските партнери. Велат дека буквално откупуваат од нивите и лозовите насади и тоа по цени кои се многу повисоки во споредба со повеќе години од порано.

-Црното трпезно грозје го откупувам директно од лозјата по цена од 50 денари за килограм, а белото од 35 до 40 денари. И доматите и краставиците исто така држат цена. Тие се откупуваат по цена од 50 денари за килограм, но нема доволно производство. Намаленото производство се должи на лошите временски услови, но и на намалените површини и доколку и наредните сезони продолжи ваквиот тренд ќе се соочиме со недостиг од производство – смета трговецот Благој Витанов.

Информира дека има интерес и за црвената пиперка под пластеници, која се откупува 30 денари за килограм, односно 20 за таа која е наменета за преработувачките капацитети. Додава дека сливата од сортата „стенли” се откупува за 18 денари за килограм, праските 50 денари, а љубениците по 6 денари за килограм.

Според експертите драстичните промени во климата, односно студен период во фазата на расадување и екстремно високите температури и сушата во периодот на зреење влијаат на квантитетот, но и на квалитетот на производството.

-Екстремните временски услови, посебно сушата и во период кога три месеци нема врнежи, растенијата немаат услови да добиваат доволно вода за да ги транспортираат хранливите материи и затоа покрај намалувањето на производството, се соочуваме и со неквалитетно производство – вели д-р Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата.

Според трговците, градинарското производство од Струмичко годинава се извезува на пазарите во Русија, Украина, поранешните југословенски пазари и во земји членки на ЕУ.

Извор: МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *