Од денеска до недела на Осломејско Езеро ќе биде организиран првиот крапски риболовен натпревар „Боила куп 2021“, на кој ќе учествуваат 16 екипи составени од по тројца спортски риболовци.
– На овој куп екипите ќе ловат цели 72 часа или од четврток во 8 часот до недела во 8 часот. Според пристигнатите пријави на годинешниот „Боила куп“ ќе учествуваат спортско-риболовни екипи од Скопје, Велес, Струга, Струмица, Кочани, Кичево и речиси од сите градови од земјава – рече Мире Ночески, портпарол на риболовното друштво „Хантер фиш“ од Кичево, кое е организатор на Купот.
Тој додаде дека секој учесник на Купот платил котизација од 5.000 денари, а наградите за најдобрите се доста примамливи.
– Секоја од екипите ќе може да лови на шест трски. Наградите се многу богати и покрај трите првопласирани екипи, ќе биде награден и риболовецот кој ќе го улови најкрупниот примерок крап – додаде Ночески.
Изминатава недела се извршија темелни подготовки на крајезерскиот појас и беа изградени 16 боксови за секоја од екипите на прописно меѓусебно растојание од 50 метри.
– За целосно подготвени да го дочекаме првиот „Боила куп“, изминатава седмица спроведовме интензивни подготовки од изградба на пристапни патишта до езерото, подготовка на боксови за натпреварувачите и отстранување на комуналниот отпад од околината на езерото. Со сите предуслови што ги обезбедивме за спортските риболовци од земјава, создадовме услови за европски спортско риболовен натпревар – рече Слободан Страшеноски, член на риболовното друштво организатор.
Годинава на ова езеро се очекува да се одржат уште три големи натпревари со меѓународен предзнак.
Извор: МИА