Првите резултати од големиот инвестициски циклус во „Витаминка“ се видливи. Компанијата во острата конкуренција значајно ги подобрува своите позиции и ги зголеми приходите од продажба и дома и во странство. За шест месеци од продажба инкасира 20 отсто повеќе од истиот период лани. Многу благи вести за акционерите од најголемата домашна кондиторска индустрија иако во споредба со лани добивка е пониска за 84 отсто.
Најголемата македонска прехранбено-кондиторска индустрија „Витаминка“ ги зголеми приходите од продажба за 20 отсто во првото полугодие годинава во споредба со истиот период лани. Прилепска „Витаминка“ имаше извонредно полугодие. Компанијата успеа да ги зголеми вкупните приходи до износ од 18,5 милиони евра. Од нив 18,2 милиони евра се приходи од продажба, а од тие 10,7 милиони евра се приходи од продажба на домашен пазар. Извозот изнесува 7,5 милиони евра. Акционерите на „Витаминка“ имаат здрави причини за оптимизам. Домашната продажба порасна за 17 отсто во однос на истиот период лани, а извозот е зголемен за 22 отсто
Во овој период иако заради залихите оперативната добивка е намалена, „Витаминка“ успеа да ја намали и кредитната изложеност за 2,12 милиони евра, а едновремено реализираше инвестиции во вредност од 2,5 милиони евра..
Залихите на компанијата на крајот на јуни се за 784.500 евра пониски од залихите на почетокот на годината. Зголемената продажба логично повлекла раст на расходите кои на крајот на јуни изнесуваат 17,4 милиони евра. Трошокот за суровини и други материјали е 10,9 милиони евра и во споредба со истиот период лани е зголемен за 15 отсто. Трошокот за вработените достигна 3 милиони евра и тоа во услови кога нема нови вработувања што укажува на тоа дека „Витаминка“ ги наградува или ги зголемува платите на својот персонал. Оперативната добивка за првото полугодие е 313.000 евра и е пониска за 66 отсто во однос на истиот период лани. Значаен раст компанијата во овој период имала за финаниски расходи и тие се 226.000 евра што е за 70 отсто повеќе од мината година.
Нето добивката е 122.600 евра и е за 84 отсто пониска од лани.
Од билансот на состојба се гледа дека „Витаминка“ ги намалила обврските за 11 отсто односно за 2,6 милиони евра. Обврските по долгорочни кредити се пониски за 2,12 милиони евра. Вредноста на недвижностите и на постројките и опремата е зголемена за околу 7 милиони евра.