Владата одобри Меморандум за соработка за изградба на автопатски делници од Коридорите 8 и 10

Вести

Владата го одобри текстот на Меморандумот за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола од Коридорот 10.

Владата, како што соопшти владината прес-служба, донесе и Одлука за давање согласност за давање под долготраен закуп на градежно земјиште сопственост на државата на Друштво за изградба и управување со енергетски централи „СПХ – МБ“ ДООЕЛ Скопје, која како странска инвестиција на територијата на Општина Македонски Брод ќе гради енергетски централи за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија – фотоволтаици, со инсталирана моќност од 10 мегавати.

– На предлог на Канцеларија на претседателот на Владата, на денешната седница е донесена одлука за формирање на координативно тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот регион, кое во соработка со Делегацијата на Европската комисија во Скопје, како и со другите државни институции и локалната самоуправа на Ресен ќе работи на осмислување и навремена реализација на проектите кои се планирани во регионот на Преспа, се додава во соопштението од владината седница, информира владината Прес-служба.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *