Кроењето на лозјето е многу значајна мерка и претставува најважниот чекор во одгледувањето на лозјето, за што се согласуваат и експертите и производителите. Изрежаната лоза секогаш дава поубави, покрупни и поквалитетни плодови, со поголема содржина на шеќер и суви материи. Кај младото лозје, со резидбата се формираат млади стебла, а кај веќе формираните стебла со резидбата со години се одржуваат квалитетни дрвенести делови на виновата лоза . На тој начин, се регулира се што е неопходно за добар род – бројот на посакуваните родни окца, ластари и се планира бројот на гроздови на чокотот, а така директно се контролира родноста и се влијае на идниот квалитет како на грозјето, така и на виното како крупно производство.
Заштитата од ниските температури е неопходна за сите лозја, а посебно за младите. Оваа зима за среќа немавме изразито ниски температури, така што не беше тешко да се заштити виновата лоза.
Поради пролетните температури на воздухот во јануари, лозарите стравувале дали топлата зима ќе им нанесе голема штета. Секој зимски ден, кој бил со температура над 12 степени Целзиусови, можел да предизвика будење на вегетацијата. Кога во следните денови би дошло до нагла појава на мраз, би постоела реална опасност од оштетување на лозјето. Во такви услови, прво би страдале тукушто подигнатите млади насади.
Ниските температури во месеците кога и треба времето да биде ладно, не се непријатели на одгледуваните растенија, па така ниту на виновата лоза. Ладното време во текот на зимските месеци е важно и за развој на повеќегодишните растенија, како би можеле и тие да поминат низ сите неопходни физиолошки процеси.
Зимската резидба, треба да биде завршена пред почетокот на вегетацијата на пролет. Кога зборуваме за зимска и рана пролетна резидба, всушност мислиме на иста резидба, единствено што времето на резидбата го избира секој лозар посебно, зависно од условите во своето лозје. Секогаш, одлуката мора да ја донесе, самиот сопственик на лозјето, согледувајќи ги сите фактори (кои секогаш се разликуваат од лозје до лозје), да одлучи кога ќе започне со оваа голема работа.
Секогаш, најбезбедно е со резидба да се започне после 14 февруари, после Свети Трифун, заштитникот на лозјето и тоа првото режење е со погача во лозјето и залевање на чокотот со црвено вино. Временските услови после тој период треба да обезбедат поголем успех од резидбата. Во повеќебројните семејства и лозјата подигнати на помали површини, овој начин на организирање е многу полесен. Со резидбата се продолжува во текот на пролетта.
Задолжително, режењето треба да се врши со дезинфицирани, чисти ножици, под правилен агол, што во било кое време можат да ви го покажат и старите лозари, но и советниците и тоа внимавајќи, остриот дел на ножицата да биде што е можно поблиску до чокотот.
Покрај тоа, задолжително е да се применат мерки за борба против плевелот. Во младите лозја, препораката е тоа да бидат механички мерки, а во никој случај хемиски. Тука, едноставно забрането е да се користат хербициди и тоа до третата година на старост на лозјето, со што би се избегнале оштетувањата кои сите хемиски средства можат да им ги нанесат на листовите на виновата лоза.
Во првите седмици, кога е забележливо движење на вегетацијата и кога младата лоза ќе достигне 15 – 20 см височина, не е потребно да применувате никаква заштита. И во случај да има повеќе врнежи, сите садници на пазарот се сертифицирани и здравствено безбедни.