Нашата екипа беше во посета на Подрачната единица во Прилеп на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Добредојде ни посака раководителот Зоран Пачешкоски, кој веќе две и половина години е на позицијата на најголемата подрачна единица во државата. Во тек е откупот на тутун, повик за закуп на државно земјиште, Ипард, па поразговаравме околу сите актуелни теми, во интерес на земјоделците.
Б.П.: Повеќе од две години, сте раководител во МЗШВ ПЕ Прилеп. Како се пронаоѓате себе си во оваа професија?
Зоран Пачешкоски: Да, повеќе од две години, односно две години и половина, сум меѓу земјоделците и на страната на земјоделците. Позицијата на која сум, всушност е со секојдневна потреба за постојани состаноци со земјоделци, теренски посети и совети. Воопшто не ми се далечни состојбите во земјоделското производство особено што потекнувам од овој крај. Имам контакти со земјоделски производители, често разговараме со нив за состојбата во која се наоѓаат и за мерките кои треба да се превземат од страна на Владата, за постојано подобрување на статусот на земјоделците. Силно сум посветен да помогнам кај секој еден поединечно, со крајна цел: да имаме успешни и конкурентни земјоделци во прилепскиот регион.
Б.П.: Какви услови затекнавте и кои промени ги направивте за подобрување на капацитетите на ПЕ Прилеп?
Зоран Пачешкоски: Она за кое се стремам како Раководител е сите земјоделци да бидат примени и услужени од вработените во подрачната единица. Ние сме најголемата подрачна единица во државата, со над 15.000 евидентирани земјоделци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Не е лесно да се води оваа функција, но затоа е голем предизвик, ние да ги направиме позитивните и потребните промени за пристојна професија и пристоен живот, нешто што земјоделците една деценија го немаа.
Б.П.: Колку земјоделците од овој регион се пријавуваат на активните повици од МЗШВ? Во моментов има активен повик за закуп на државно земјоделско земјиште…
Зоран Пачешкоски: Интересно е да се спомене дека на минатиот повик за закуп на државно земјиште, од вкупно 300 договори на државно ниво, 50 беа во Прилеп. На повикот кој завршува на 22 јануари, очекуваме ПЕ Прилеп да има над 300 апликации за закуп на државно земјоделско земјиште. Во моментов ПЕ Прилеп има над 1000 активни договори за закуп на државно земјоделско земјиште, што повторно не прави лидери во земјоделството.
Б.П.: Во тек е откупот на тутун. Какви се Вашите видувања?
Зоран Пачешкоски: Да, откупот продолжува според планираната динамика и можам да истакнам дека досега се откупени над 80% од планираните количини на тутун, односно 20 милиони килограми тутун со просечна цена од 222,5 денари. Или искажано во пари 4,3 милијарди денари од кои 4,1 милијарда е веќе исплатена на тутунопроизводителите. Постигната е историски највисока откупна цена. За споредба, минатата година имавме просечна цена од 214 денари за еден килограм тутун, во 2017 таа изнесуваше 217, во 2015 беше 185 денари, додека во 2014 година тутунот се откупуваше за просечна цена од 118 денари за килограм. Очекуваме дека до крајот на откупната сезона ќе бидат преземени дополнителни 5 до 6 милиони килограми, кои се надвор од договорите. Сакам да порачам дека ниеден килограм тутун нема да остане неоткупен!
Б.П.: Што се може да се истакне за овој изминат период? Кои позитивни мерки можете да ги потенцирате?
Зоран Пачешкоски: Да започнам од нашата главна култура – тутунот. Владата на Република Северна Македонија ги зголеми субвенциите за тутун со воведување на новиот модел за субвенционирање бидејќи ова е стратешка извозна гранка. Со нивното зголемување, за прва класа изнесуваат 80 денари, за втора класа 70 денари и за трета класа и останати класи 60 денари по килограм. Исплатата е неселективна и навремена. Во прилепскиот регион, по основ на субвенции за тутун исплатени се над 13 милиони евра.
Реализирани се 99,7% од капиталните мерки во земјоделството и руралниот развој. Има многу да се кажува: Поддршка на младите земјоделци, помош за набавка на добиток, нови системи за наводнување, подигање на нови овошни насади, поддршка за модернизација на механизацијата во задругите, финансиска поддршка за Локалните акциони групи, изградба и реконструкција на брани и акумулации, нова модерна рурална инфраструктура, водоводни и канализациони мрежи во руралните средини, уредување на зелени пазари…максимално се работи на модернизирање на македонскиот аграр преку обезбедување на финансиска поддршка за секој земјоделец и забрзан развој на водостопанската и руралната инфраструктура.
Б.П.: Како според Вас, ќе се зголеми земјоделското производство?
Зоран Пачешкоски: Најбитно е конкурентното земјоделско производство, поефтини репроматеријали, сигурен пласман и услови за стопанисување кои веќе ги создава Владата на РСМ.
Б.П.: Од здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ добивте признание за „Значаен придонес во земјоделството во прилепскиот регион“. Убаво е што некој го вреднува Вашиот труд…
Зоран Пачешкоски: Да, им благодарам на целиот тим од здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“, признанието навистина ми значи, затоа што всушност ми дава поттик да продолжам со позасилено темпо, да бидам меѓу земјоделците, да помогнам, да се направи професијата земјоделец достојна и вредна за почит. Земјоделски здруженија се потребни затоа што всушност тие претставуваат мост помеѓу институциите и земјоделците, и полесно може да се решаваат проблемите доколку ги има, или да се добијат нови идеи и поддршка за работа.
Б.П.: Кои се Вашите визии и планови со прилепските земјоделци?
Зоран Пачешкоски: Откако го стопиравме негативниот тренд од селективната исплата на субвенциите, и воведовме неселективна и во еден ден,исплата на субвенциите, полека се подобри состојбата, агробизнисот станува профитабилен. Се воведоа стратешки мерки како поевтина нафта за земјоделците, односно „зелена“ нафта. Потоа инвестиции во системи за наводнување, поддршка на пласманот на земјоделските производи, редовна исплата на субвенциите, а формиравме и комисија за ревизија на распределбата на државната земјоделска земја за да ја вратиме земјата во рацете на вистинските земјоделци, особено сточарите. Планираме да направиме реформа во аграрот со што ќе овозможиме и нови вработувања особено на младите. Ќе ги продолжиме проектите како „Млад земјоделец“ кој оваа година ќе биде со грант од 20.000 евра. Задоволен сум од фактот што мерките на Владата се користат на правилен начин и што средствата завршуваат кај вистинските земјоделци.
Б.П.: Кој совет би им го дале на сите земјоделци?
Зоран Пачешкоски: 2019 беше година во која што се донесоа мерки од кои директен бенефит имаа токму земјоделците. Во овој момент на сите земјоделци сакам да им порачам да не се откажуваат од своето производство, да веруваат дека ќе биде уште подобро и дека заеднички ќе помогнеме на зголемување на домашното производство на храна кое е и тоа како потребно за доброто на целата држава. Македонското земјоделство е во сигурни раце и заедно со земјоделците ќе работиме на развојот на нашето до европското земјоделство. Започнатите процеси за реформи во секторот, ќе продолжат и оваа година, затоа што земјоделството е наша стратешка гранка, а оваа Влада со своите политики покажа што значи вистинска грижа за земјоделците и развој на земјоделството.
М-р Билјана Петровиќ