Aberdeen-angus е типична раса на говеда, со сосема црна боја. Шутост ( без рогови ) е доминантна особина, така што со вкрстување на раси со рогови, првите генерации мелези, кои се добиваат, се без рогови. Настаната е во североисточниот дел на Шкотска во ридско подрачје, кое се одликува со недоволно плодно земјиште и ладна клима во поголемиот дел од годината. При одгледувањето со сродство и селекција, добиена е раса на добиток со добри производни карактеристики, прилагодени на условите за одгледување во планинските предели.
Екстериер и телесни димензии
Aberdeen angus е прилично ниска раса, висината на гребенот на кравата е 125 см, а кај биковите 135 см. Се одликува со многу развиени ширини на предниот и задниот дел на телото. Главата е мала, широка во челото и шута ( без рогови ). Вратот е краток, широк и меснат, трупот е долг и заоблен. Нозете се кратки, така што се нагласува големата ширина. Коските на нозете се тенки. Мускулатурата во областа на бутовите, се спушта се до скочниот зглоб. Кожата, видливите мукозни мембрани, папилите и роговите се пигментирани. Телото е покриено со црни и сјајни влакна. Тежината на телото на возрасни крави е 550-600 кг, а на биковите се 800-950 кг.
Производни карактеристики
Грлата од расата aberdeen-angus, имаат пропорционално тенки коски, што се одразува на поволниот однос на месото и коските. Рандманот при колење на кравите изнесува 65%, а на биковите 75%. Месото е многу квалитетно и мраморирано.
Биковите од расата aberdeen-angus се користaт за комерцијално производство, тежината на телињата при раѓање е мала, т.е. во просек 35 килограми во услови на фарма, и телењето е лесно.
Aberdeen angus расата на добитокот служи како корисна расна компонента за создавање на мелези-крави со двојна мајчина основа , со изразена меснатост и одгледување на телињата по системот крава-теле. Кравите мелези aberdeen-angus раса имаат одлична репутација кај кравите кои ги дојат своите телиња, т.е. кои служат како мајчинска основа за производство на месо. Млечноста на aberdeen-angus е многу мала, т.е. само колку да се нахрани телето.
Aberdeen-angus како погодна раса за интензивно гоење, е многу отпорна како во ладни, така и во топли предели, така да е многу распространета. Најчесто се одгледува во САД, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Америка.