Авансно плаќање, основна и дополнителна поддршка – Нов модел на субвенционирање во земјоделството

Вести

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска, на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, го презентираше новиот модел за субвенционирање во земјоделството.

Николовски истакна дека новиот модел дава одговор и решение на сите утврдени слабости во досегашниот систем на субвенционирање. Со него досегашната поддршка за земјоделците не се крати, туку се прераспределува во повеќе програми со цел поголема ефикасност и навремена исплата. Новиот модел кој министерот претпладнево го претставил и на владината седница, предвидува зголемена контрола и дополнителни услови за добивање финансиска поддршка, елиминирајќи ги можностите за нерегуларности и зајакнување на продуктивноста, а Платежната агенција добива подолг период за извршување на контролите преку сите системи.

-Стариот систем за субвенционирање според кој земјоделците добиваа субвенции без да прикажат доказ дека оствариле производство, го заменуваме со нов, т.н. de capling кој ги обврзува да докажат дека имаат остварено и предадено производство. Македонското земјоделство го прилагодуваме на европските патеки. Во организиран систем ги ставаме сите чинители, намалувајќи ја можноста за плаќање во готово, спречувајќи ја сивата економија – систем кој има зголемен обем на контроли и систем кој гарантира поголемо производство на домашна храна, напомена министерот.

Како што објасни Николовски, со новиот модел за субвенционирање земјоделците преку Програмата за финасиска поддршка авансно би добивале основна субвенција наменета за одржување на земјиштето во обработлива состојба. Основната субвенција би ја добивал секој земјоделец кој обработува земјоделска површина, кој ќе посее едногодишна култура или одржува траен насад, земјоделец кој ќе поднесе барање и кој ги исполнува пропишаните минимум критериуми без услов за предадено производство. Можност за авансна исплата на дел од основните субвенции се предвидува и кај сточарството. Во новиот систем ќе има и дополнителната субвенција – за стратешки утврдените култури и производи. Дополнителната субвенција е врзана со остварен принос, но и со предавање на производството во регистрирани домашни капацитети или со искористување на производството за сопствена продукција на финални производи регистрирани за продажба од куќен праг.

-Даваме приоритет на стратешки важните култури и производи со цел да обезбедиме поголем принос на стратешки култури и помала увозна зависност на државата. Домашното производство го насочуваме кон домашните преработувачки капацитети, поттикнувајќи го договорното производство, подвлече Николовски.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *