Битиќи: Државата ги поддржува компаниите да инвестираат во пост-ковид периодот за побрзо заздравување на економијата

Вести

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, вчера оствари посета на компанијата Лутекс, лоцирана во селото Долно Оризари во општина Велес, каде оствари средба со сопственикот на компанијата Маркус Туч и изврши обиколка на производствените погони.

Вицепремиерот Битиќи изрази задоволство што со инвестиции на оваа компанија, која е дел од германската СТС Текстајлс и произведува индустриски и технички текстил е рехабилитирана поранешната фабрика „Нонча Камишова“, отворена во далечната 1950 година.

„Оваа компанија во изминатите четири години има инвестирано околу 2,5 милиони евра, од кои 1,5 милиони се во 2020 и 2021 година и има вработено околу 100 лица од Велес и околината. Она што мене ме радува се нивните планови за проширување на производството, при што до крајот на 2021 и во 2022 година, планираат реализација на нови инвестиции од околу 1,2 милиони евра, со кои би се отвориле нови работни места за граѓаните“, рече Битиќи

Вицепремиерот нагласи дека сите извозно ориентирани компании би требало да размислуваат на нови инвестиции во пост-ковид периодот, затоа што само на тој начин би можело да се врати загубеното време и побрзо да се излезе од ситуацијата која ја предизвика глобалната пандемија предизвикана од коронавирусот.

„Сведоци сме дека масовната имунизација на населението во земјите од Европската Унија, како и кај нас, почна да дава резултати, во однос на здравствениот билтен, а тоа секако е многу важно и за нормализирање на економските текови, со оглед на тоа дека ЕУ е нашиот најважен економски партнер. Охрабруваат позитивните движења на макроекономските индикатори, во март 2021 година, во споредба со истиот месец лани, за првпат по цела година, бележиме сериозна стапка на раст на индексот на индустриското производство од 7,6%, индексот на прометот во индустријата во март бележи раст од 27,1%, надворешната трговска размена во првиот квартал од 2021 година бележи раст од 15,8%, а извозот во истиот квартал расте со 18,1%. Ова се индикатори кои покажуваат дека економијата оди напред, економиите во Европа се отвораат, а тоа недвосмислено влијае и на нашата економија, која е силно зависна од европските земји“, подвлече Битиќи.

Сопственикот на компанијата Лутекс, Маркус Туч, посочи дека е задоволен од соработката со локалната и централната власт, како и дека во изминатите 5 години континуирано се инвестира во нови машини и унапредување на производството. Тој посочи дека пандемијата предизвикана од КОВИД-19 сепак предизвикала одредено забавување на процесите, поради забраните за движење и неможноста да се инсталираат веќе набавени машини и со тоа да се зголеми продуктивноста на компанијата.

„Драго ни е што нашата инвестиција не беше толку силно погодена од КОВИД-19 кризата, но сепак моравме да стагнираме со реализација на извесни инвестиции минатата година. По февруари минатата година, никој не можеше да патува поради меѓународните рестрикции и беше невозможно да се продолжи со динамиката за инвестиции. Драго ни е што можеме да кажеме дека го надминавме тоа и од овој месец, луѓето и технологијата веќе може да патуваат. Веќе инсталиравме две нови машини, па сигурни сме дека ќе ги исполниме нашите обврски според договорите што ги имаме потпишано. Понатаму, сакам да споделам и дека со луѓето тука веќе стануваме како едно големо семејство и ќе се грижиме за нив и сигурни сме дека во иднина ќе растеме и ќе се развиваме заедно. Во следниот месец ќе разговараме и за сите идни развојни планови“, посочи сопственикот на Лутекс, Маркус Туч.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *