Бочварски: Ги надминавме проблемите, интензиво се гради експресниот пат Градско-Прилеп

Вести

Експресниот пат Градско – Прилеп е приоритет за Владата и има големо економско и социјално значење за целиот регион, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој со директорот на претпријатието за Државни патишта Ејуп Рустеми вчера извши увид на работите на делницата Дреново-Фариш.

На експресниот пат Градско-Прилеп досега се изградени по 35 отсто од двете делници Градско – Дреново и Дреново – Фариш, а патот во вредност од 64 милиона евра ќе биде готов до јули 2023.

Според Бочварски, надминати се сите проблеми со изградбата.

-На втората делница од Дреново до Фаришката клисура бележиме засилени градежни работи за доизградба на овој патен правец. Во соработка со ЈП за државни патишта успеавме да ги надминеме сите проблеми и сега имаме чиста траса на која во наредниот период очекуваме да има силна градежна активност. Вредноста за изградба на оваа делница е 33,3 милиони евра. Претходно беа реализирани 35 проценти а сега новиот изведувач компанијата „Синохидро“ има обврска да го доизгради преостанатиот дел. Крајниот рок е месец јули 2023 година, но моите очекувања се дека тоа може да се случи и порано, пред рокот. Ме охрабрува фактот што и првата делница од Градско до Дреново, изведувачот работи со макисмално темпо, така да очекувам овој експресен пат да биде финиширан средината на 2023 година – изјави Бочварски.

Активно се работи на подготовка на тендерската документација и за третата делница од селото Беловодица до каменоломот Маврово и проширувањето со по уште една лента во двата правцц на потегот од мостот на Ленишка река до влезот на Прилеп. Бочварски очекува до крај на годинава да се распише јавен повик за изградба.

-Во меѓувреме започнуваме и со рехабилитација на третата лента на Плетвар. Преку ЈП за одржување на магистрални и регионални патшта, се реконструира потегот од мостот на Ленишка река до влезот во Прилеп, рече Бочварски.

Дирекоторот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми нагласува дека овој пат е еден од најзначајните патни правци во државава, каде што дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории. Интензивни се активностите на делницата Дреново-Фариш.

-Оваа делница во должина од 10,2 километри за која се издвоени 33,3 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР, ја презеде „Синохидро“, а надзор е „Геинг“ и очекуваме поголем ангажман во започнатата изградба. Во моментов се изведуваат припремни работи, односно пристапни патишта, механичарски и армирачки работилници и технички постројки. Ширина на делницата Дреново-Фариш е променлива. Пет километри се со асфалтна платформа од 12,4 метри што одговараа на експресен пат, а преостанатите повеќе од 5 километри се со платформа од 17 метри што одговара на автопат со намалена ширина, рече Рустеми.

Тој посочи дека на само десет километри растојание во овој појас се градат два тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучкакај Дреново и еден вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор,

Изградбата на првата делница Градско – Дреново ја презема компанија Штрабаг, која интензивно работи, а Надзорот е доверен на ЕГИС.

-Започнавме и со рехабилитација на патниот правец Фаришка клисура–Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 км и вредност од 5,6 милиони евра со што значително ќе се подобри патната инфраструктура на кракот Д на Паневропскиот транспортен коридор 10, изјави Рустеми.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *