Цуцулоски: Земјоделците да не го чекаат крајниот рок за аплицирање за субвенции

Вести

Тече рокот за аплицирање за субвенции. Во овој период се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство и тоа за површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство и тоа за одгледување на говеда, овци, кози, пчели, свињи, живина и за заклани животни во кланици.

Од подрачната единица во Битола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, апелираат до сите земјоделци, да побрзаат со аплицирањето за субвенции.

-Досега во ПЕ Битола, пријавени се 600 апликации за субвенции, а поднесени се околу 170 барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од октомври до декември 2017 година. Апелираме до земјоделците навремено да ги пријават засадените површини за да не се создаваат гужви, со оглед на тоа што очекуваме 5000 апликации за субвенции и 1100 барања за произведено и предадено млеко, – истакна Александар Цуцулоски, раководител на МЗШВ ПЕ Битола.

Цуцулоски ги потсетува одгледувачите на животни пред поднесување на барањето задолжително да ја проверат и по потреба ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор, но и дека по поднесувањето на апликацијата, во рок од 30 дена може да се прават корекции доколку има промени.

– Апелираме до земјоделските стопанства доколку има било какви промени настанати во меѓувреме, во периодот од 15 мај до 15 јуни, во тие дополнителни законски 30 дена, да се обратат до подрачните единици на МЗШВ и да можат да ги внесат корекциите“, рече Цуцулоски.

Рокот за поднесување апликации за субвенциите за 2018 година е до 15-ти мај, додека рокот за поднесување на барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко ќе трае до 16 мај 2018 година.

Исто така, на 16 мај 2018 година завршува рокот за поднесување барања за директни плаќања за несилки внесени во капацитет за производство на јајца во период од октомври до декември 2017 година.

Барањата можат да се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите.

 

Новинар: М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *