Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека денес ќе се објави најавата за вториот јавен повик од #ИПАРД 2 програмата.
Имено, при неговата посета на Пробиштип соопшти дека денес Платежната агенција ќе го најави вториот повик од ИПАРД 2 Програмата за двете мерки: Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства и Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи и маркетинг.
– Во утрешните весници ќе биде објавена најавата за двете мерки: за модернизација на земјоделските стопанства и модернизација на преработувачките капацитети и капацитетите повразани со рибарството, односно мерките за кои постои најголем интерес, рече Николовски.
На првиот повик од ИПАРД 2 до денеска се склучени 919 договори со земјоделците и фирмите.
-Особено ми е драго што првиот повик заврши со рекордни 919 склучени договори кои тежат 15,8 милиони евра, од кои 12 милиони евра се европски пари наменети за нови трактори, механизација, опрема, преработувачки капацитети. Ова е приближно еднаков број договори склучени во последните 9 години во вкупната ИПАРД 1 програма. Растат капацитетите на платежната агенција и интересот кај македонските земјоделци. Со влезот во ЕУ ќе расте и поддршката за македонското земјоделство, истакна министерот.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на 21 овој месец, започна со првите исплати за финансиските средства од договорите склучени со последниот повик за ИПАРД 2 Програмата.
„Ова е уште еден добар пример за искористеност на парите од ИПАРД програмата. Ова покажува дека со здружени сили со јакнење на Платежната агенција, со оваа евроатланска интеграција и енергија која што постои во државата, со преземањето на сите активности за забрзување на постапките за овој но и за следните повици можеме само во еден повик да стигнеме до бројка на склучени договори која што може да биде поголема од вкупно склучените договори кои што ги имаме на предходните 12 огласи. Земјоделството е клучниот сектор на кој што се потпира Европската унија, затоа и 40 отсто од буџетот на ЕУ оди за земјоделство. Ако направиме споредби со земјите од регионот кои го поминаа патот кон кој ние сега силно чекориме, ќе видиме дека оваа поддршка за 10 пати ќе биде зголемена, пари кои ќе се искористат за модернизирање на земјоделството“, изјави министерот Николовски.
Директорот на Платежната агенција, Бабовски изјави дека само со осовременување на земјоделското производство може да дојдеме до конкурентни производи кои на европскиот пазар ќе бидат промотор за Македонија, а за таа цел е потребна ефикасна искористеност на европските фондови на што МЗШВ и агенцијата посветено работат.
Преку ИПАРД 2 Македонија од Европската Унија доби 60 милиони евра за инвестиции за модернизирање на земјоделството. За следната 2019 година е договорена поддршка од ЕУ во износ од 15 милиони евра.
Министерот Николовски посочи дека членството во НАТО и влезот во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, зголемување на средствата за поддршка на земјоделство, младите македонски земјоделци ќе имаат повеќе можности за повисоки приходи и градење на успешни агробизниси, модернизирање и развој на земјоделството со помош на европските фондови, сигурни откупи и нови вработувања.
М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство