ДЗС ќе спроведе пробен попис на земјоделството од утре до 30 јуни

Вести

Од утре до 30 јуни Државниот завод за статистика ќе спроведе пробен попис на земјоделството со кој ќе бидат опфатени одреден број семејни земјоделски стопанства и деловни субјекти што се регистрирани и се занимаваат со активности поврзани со земјоделството.

Основна цел на Пробниот попис, како што нагласуваат од ДЗС, е да се тестираат методологијата и прашалниците за спроведување на Пописот, како и организациските и стручните аспекти на оваа активност.

За таа цел, ќе бидат посетени одредени семејни земјоделски стопанства во избрани општини (Илинден, Куманово, Тетово, Кавадарци, Кривогаштани, Струмица и Чешиново-Облешево), како и деловни субјекти во повеќе општини: Илинден, Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Тетово, Куманово, Струмица, Битола, Ресен…

Попишувачите, обучени од страна на Државниот завод за статистика, ќе ги посетат земјоделските стопанства и деловните субјекти и ќе ги интервјуираат со помош на рачно преносливи компјутери –  таблети.

– Пробниот попис се спроведува во согласност со Законот за државната статистика, а методолошките и организациските аспекти се целосно усогласени со европските регулативи: IFS 2018/1091, Регулативата за имплементација на IFS 2018/1874 и Регулативата за имплементација на IFS 2021/2269, се вели во денешното соопштение од ДЗС.

Соработката и учеството на домаќинствата и деловните субјекти во оваа статистичка акција, додаваат, ќе му помогнат на Државниот завод за статистика да обезбеди успешно спроведување на главниот Попис на земјоделството следната година.

MИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *