ЕК: Македонија да го прошири опсегот на ИПАРД 3 со барање нови мерки

Вести

Европската комисија (ЕК) препорачува Македонија дополнително да ги зајакне своите капацитети во ИПАРД структурите и да го прошири опсегот на ИПАРД 3 Програмата со барање нови мерки.

На состанокот со македонските власти, Комисијата го нагласи доброто ниво на подготовка особено во безбедноста на храната и ветеринарната политика и ја охрабри земјава да продолжи да го усогласува националното законодавство со правната рамка на ЕУ.

Како што информира Делегацијата на ЕУ во Скопје, Комисијата го забележа напредокот и во областа на фитосанитарната политика, нагласувајќи ја потребата од спроведување одржлива употреба на пестициди.

Во областа на рибарството, Комисијата ја охрабри нашата земја да продолжи со напорите за усогласување на националното законодавство со правната рамка на ЕУ. Посебен акцент е ставен на аквакултурата како извор на економски раст и отворање нови работни места. Комисијата, исто така, ја пренесе потребата земјава да го зајакне административниот капацитет на надлежните органи во секторот рибарство.

Со состанокот копретседаваа Живко Брајковски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и заменик-шефот на Единицата за Албанија и Северна Македонија на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Алберто Камарата.

ЕК ги охрабри македонските власти да продолжат со усогласувањето на законодавството, внимателно следејќи ги случувањата во ЕУ за Заедничката земјоделска политика и другите политички иницијативи како „Од фарма до вилушка“ и стратегии за биодиверзитет, и да обезбедат градење капацитети за ефикасно спроведување на законската регулатива.

На состанокот стана збор и за развојот на билатералната трговија на основните земјоделски производи, преработените земјоделски производи и производите од риба, главните карактеристики на новата Заедничка земјоделска политика 2023-2027 година и други неодамнешни политички случувања во областите на земјоделството и руралниот развој, безбедноста на храната, ветеринарните и фитосанитарни аспекти и рибарството.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *