Според податоците на Европската комисија, минатата година Европската Унија забележила успех во однос на извозот на свинско месо – извезла 6,31 милиони тони, вклучувајќи ги и нуспроизводите.
Во споредба со податоците од 2019 година, тоа е зголемување за 12,9%. Како главна причина за зголемениот извоз првенствено се наведува порастот на испораките во Кина, но и Брегзит, поради што почна да се пресметува и извозот во Велика Британија, пишува Топ аграр. Ако се исклучи трговијата со Обединето Кралство, извозот на свинско месо на годишно ниво се зголемил за дури 18,8% на 5,43 милиони тони, што е нов рекорд.
Секој втор тон е испратен во Кина?
Минатата година, извозниците на свинско месо забележале зголемување на приходите на 14,92 милијарди евра, што е пораст за 2,16 милијарди евра во споредба со 2019 година. Вредноста на работењето со Кина изнесувала вкупно 7,13 милијарди евра, што претставува пораст за високи 53,6% во споредба со претходната година, кога биле продадени 3,35 милиони тони. Тоа би значело дека речиси секој втор тон е испорачан во Кина.
По оваа азиска земја, најважниот купувач на овој вид месо била Велика Британија. Иако податоците сè уште не се целосно достапни, се наведува дека испораките во таа земја се намалиле за 13% и изнесуваат 881.000 тони. Забележен е пад на продажбата и кај други важни купувачи како Јапонија, каде што биле извезени 360.000 тони, Јужна Кореја со 195.000 тони, а извозот на Филипините се намалил за повеќе од 30% и изнесувал 153.000 тони.
Од друга страна, значително повеќе свинско месо и нуспроизводи се продадени на Хонгконг, со пораст од речиси 40% на 283.600 тони. Исто така, зголемен е и извозот во Србија, Брегот на Слоновата Коска и во Канада.
Шпанија најмногу профитирала од зголемената побарувачка од Кина. Според ЕК, таа земја го зголемила извозот за 53,2% во однос на 2019 година и тоа на 1,92 милиони тони.