Земјоделците од селата Мало, Големо Коњари, населбата Варош, како и од Канатларци и Тополчани од понеделник, 13 ти април, на своите сметки ќе можат да ја подигнат финансиската помош од Буџетот на државата, како надомест за штетата од елементарна непогода која ги уништи земјоделските насади од тутун, житни и градинарски култури.
Станува збор за исплата на штети од незапамтено невреме кога силен град и ветер ги зафати земјоделските насади и посеви во атарите на овие населени места и ја уништи речиси целата земјоделска реколта во два наврати летото 2018 и 2019 година.
Денеска градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, во разговор за Радио Пела потврди, дека сите процедури поврзани со исплатата на средствата се завршени, и дека веќе од понеделник, земјоделците на своите сметки ќе можат да ја подигнат помошта.
– Можам да кажам информација од прва рака дека: денеска ги потпишав налозите за исплата на средствата. Тие се одобрени за исплата за сите граѓани кои се пријавиле за исплата на штети од невремето од град во 2018 и 2019 година.Станува збор за невремето кое ги зафати атарите на населените места Мало Коњари, Големо Коњари и дел од населбата Варош, како и за невремето од 2019 година во атарот на Канатларци. Од Буџетот на државата се исплатени 39 милиони денари за штетите што ги претрпеа граѓаните од невремето. И тоа, 28 милиони денари исплатени се за 1 263 тутунопроизводители во спомнатите населени места и населба Варош, и околу 11 милиони денари на 181 земјоделец од Канатларци.
Овие средства денеска ги потпишав, испратени се од Трезорот на Народната банка. В понеделник, граѓаните ќе можат да ги користат од нивните трансакциски сметки. Ова е добра вест, земјоделците долго време ги очекуваа овие средства кои беа одобрени од Владата и целокупната штета што беше пресметана од општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди, и тоа во највисок процент, односно 15 % која што е исплатена од Владата. Воедно, да споменам и тоа дека и Општина Прилеп од Буџетот, претходно, одвои средства во висина од 6 милиони денари, прв и единствен пат да ги ублажи последиците од една елементарна непогода, како единствена општина што во државата исплатила надомест на штети за вакви елементарни непогоди, напомена градоначалникот Јованоски во отворената програма.
Големото невреме кое го уништи родот на земјоделските површини во два наврати во јули 2018 та година остави последици врз рентабилноста на земјоделските стопанства во прилепско. Со цел да помогне, Општина Прилеп истата година на сметките на 1 359 земјоделци за прв пат исплати 6 милиони денари, за надокнадување на 3% од вкупната штета на секое барање доставено до Комисијата за проценка на штета. Вкупната процената штета изнесуваше 3 милиони и 700 илјади евра.
Невремето во Канатларци во два наврати летото во јуни и јули 2019 та година однесе приход на земјоделците во вкупна висина од 80 милиони денари.