Како „нараснува“ квасецот „ДИ-ГО“?

Вести Совети

Битолската фабрика за квасец и алкохол, уникат по дејноста и последен бастион на самоуправувањето имаше уште една пристојна деловна година. Во услови на борба за одржување статус-кво во продажбата оствари добивка од 78.200 евра, а приходот од продажба е речиси 7 милиони евра.

Единствената македонска фабрика за квасец и алкохол „Квасара“ лани заврши со нето добивка од 78.200 евра и таа е за 70 отсто помала од претходната година. Добивката на „Квасара“ е 1,1 отсто од приходот од продажба на компанијата. Сепак кога се „удри“ црта „Квасара“ лани стигнала до сеопфатна добивка од 92.000 евра.

Важно е за истакнување тоа што „Квасара“ лани имала оперативна добивка од 173.550 евра и таа е за 55 отсто помала од оперативната добивка во претходната година. Но големите финансиски расходи на компанијата влијаеле негативно врз добивката и ја намалиле за 96.500 евра колку што лани компанијата платила за камати (во најголема мерка). Голем товар за финансиската крвна слика на оваа уникатна компанија се финансиските расходи. Во споредба со 2017 година тие бележат намалување, но тоа е само 3,7 отсто.

За да се добие реална слика од достапните финансиски податоци мора да се истакне дека промените на залихите во 2017 година имале клучна улога за подобриот финансиски резултат на оваа битолска компанија.

„Квасара“ лани успеала да ја одржи својата пазарна позиција. Нејзниот приход од продажба е 6,92 милиони евра и тоа е за 0,24 милиони евра помалку од продажбата остварена во претходната година. Најголема расходна ставка на компанијата се потрошените материјали и ситен инвентар и тие изнесуваат 3,38 милиони евра. За плати, придонеси, даноци и надоместоци на вработените „Квасара“ платила 1,18 милиони евра. Останатите трошоци од работењето се на ниво од 1,67 милиони евра.

Од билансот на состојба е видливо дека нема значајна разлика кај долгорочните обврски и кај тековните обврски во споредба со 2017 година. Тековните обврски се за ниво од 1,7 милиони евра, а долгорочните обврски се на ниво од неполни 2 милиони евра.

Што ја прави посебна битолската Квасара?

Ова компанија е една од ретките во земјава која и по 25 години од транзицијата од плански во пазарен систем уште на одреден начин се води како во време на Самоуправувањето. Компанијата има 252 акционери – домашни физички лица кои поседуваат 97,5 отсто од акциите со право на глас и нема ниту еден акционер кој поседува над 5 отсто од управувачките права. Компанијата има издадено 12.500 акции со право на глас. Последната пазарна цена на таа акција на нашата берза беше 16.000 денари.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *