Во Битола вчера се одржа првата трибина од едукативната кампања за подигнување на јавната свест за земјоделско осигурување во организација на земјоделското здружение „Современо земјоделство“ и осигурителени компании, а со поддршка од Владата на Република Северна Македонија.

Идејата за оваа кампања произлезе од потребата за поголема едукација и информираност на земјоделците за важноста од осигурувањето имајќи предвид влијанието на климатските промени и несигурноста на земјоделското производство како „фабрика на отворено“. Учество во кампањата земаа осигурителните компании Триглав, Евроинс, Кроација, Сава и СН Осигуритрлен брокер АД Битола.

Претседателот на Здружението земјоделци „Современо Земјоделство“, М-р Билјана Петровиќ изјави дека ова е само првиот чекор, првата фаза од една ваква кампања која придонесува кон приближување и усогласување помеѓу интересите на осигурителните компании и земјоделците и воедно да се добие поголема информираност за начинот и условитеза добивање на осигурителна полиса.
-Земјоделците воглавно чекаат само на директната помош од државата за надоместување на штетите што ги претрпеле од поплавите и други временски неприлики, а тоа во бројки изнесува околу 5 милиони евра трошок, за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството.
Најдобро е земјоделците да ги осигураат своите површини, односно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството, истакна Петровиќ.
На трибината учество земаа претставници од неколку земјоделски здруженија кои дадоа свои забелешки и сугестии како да се зголеми интересот кај земјоделците за осигурување на производството, имотот, добитокот како и животното осигурување.
-Нашата забелешка до осигурителните компании е тоа што имаме недоволна информираност односно очекуваме тие да ни укажуваат што е најдобро за нас, која нивна понуда е најприфатлива и да ни објаснат убаво, со едноставни зборови за да се разбереме пред да потпишеме полиса, а не потоа да се жалиме дека не сме задоволни од нивната компанија- изјави Петре Стојковски од здружението „Клас“.
Поддршка во осигурувањето добиваат и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое покрива 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање.

На трибината стана збор и за превентивата која треба да биде позастапена со цел да не доаѓа до поголеми оштетувања од град кај лозовите и овошните насади, на кои поради застарениот начин на насад нема услови да се постават заштитни мрежи, особено во преспанскиот регион.
-Затоа на Влада веќе се изгласа новиот начин на заштита со авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви. Станува збор за нов систем за заштита од временски непогоди којшто предвидува контрола на климатските услови преку таканаречено засејување. Тоа подразбира надлетување на небото на територија на Република Северна Македонија со специјално опремени авиони кои ќе испуштаат раствор за спречување на формирање на мраз во облаците. Со овој вид на заштита од природни климатски непогоди како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи, изјави Александар Мусалевски од Министерство за земјоделство, шумартсво и водостопанство.
Трибините продолжуваат и во други градови низ државата, за да се постигне поголема информираност и значително зголемување на земјоделското осигурување.

Датуми и места за одржување на едукативни трибини во склоп на „Кампања за зголемување на земјоделското осигурување“
Неготино, 27 јуни, четврток, 18 часот
Тетово, 04 јули, четврток, 18 часот
Ресен, 08 јули, понеделник, 18 часот
Струмица, 11 јули, четврток, 18 часот
Кочани, 16 јули, вторник, 18 часот
М-р Билјана Петровиќ

