Од 1 јули стартува мерката „Мој ДДВ“ за враќање 15% од ДДВ на граѓаните

Вести

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски, и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција информираа за Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните кој беше усвоен на последната седница на владата и доставен на усвојување во Собранието.

Со овој предлог закон, кој се очекува да се применува од 1 јули, започнува реализацијата на проектот „Мој ДДВ“, еден од најважните проекти од изборната програма и од Програмата за работа на Владата.

„Преку мерката „Мој ДДВ“, граѓаните на нашата земја, заедно со финансиските институции, ќе остварат две главни цели: Првата цел е да се вратат пари кај граѓаните, а втората цел е да учествуваат во намалувањето на сивата економија и во елиминацијата на даночното затајување. Благодарение не оваа мерка едно четиричлено семејство ќе може да си врати на сметка до 28.000 денари годишно во семејниот буџет. Нешто повеќе од една просечна плата во нашата земја, односно плата плус за секое семејство“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата, и потсети дека парите кај граѓаните започнаа да се враќаат со укинувањето на радиодифузната такса, со враќањето на евтината тарифа на струјата, како и со мерките за раст на минималната и на просечната плата, и со зголемувањето социјалната помош за речиси 300%.

„Сега, време е за нова голема ставка во домашниот буџет. Време е за МОЈ ДДВ. Зборот е збор, и зборот важи. Ги враќаме парите кај граѓаните и кај компаниите и продолжуваме во таа насока“, рече Претседателот на Владата на РСМ Заев на прес-конференцијата по повод Предлог-законот за враќање на 15% од данокот на додадена вредност на граѓаните.

Оваа можност за поврат на дел од ДДВ-то ќе биде достапна за сите граѓани на Република Северна Македонија кои имаат наполнети 15 години, кои се регистрирани или ќе се регистрираат на системот на УЈП, и кои од 1 јули ќе ја преземат одговорноста редовно да си ги земаат фискалните сметки на продажните места, а потоа и да ги скенираат преку мобилен телефон.

„Доколку се исполнат нашите очекувања и граѓаните бараат сметки, ќе им бидат вратени околу 50 милиони евра годишно. Максималниот износ на поврат за едно лице ќе изнесува 1800 денари за три месеци. 98% од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ на нивната вкупна потрошувачка, а за оние најбогатите 2% ќе има лимит“, информираше министерот за финансии Драган Тевдовски, и додаде дека оваа придобивка е обезбедена за сите граѓани, и дека заради правичност, за да не се случи повратот да оди главно кај најбогатите граѓани, поставени се лимити кои оневозможуваат поврат на дел од ДДВ-то од сметка над 30 000 денари.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференцијата соопшти дека станува збор за нова реформа, којашто за првпат се воведува кај нас, а по начинот на којшто ќе се реализира, прва од ваков вид и на Балканот.

„Целосната дигитализација кон што се стреми УЈП ќе им помогне на граѓаните да ги остварат своите права поврзани со надлежностите на УЈП од областа на даноците на брз и едноставен начин. Токму затоа и оваа реформа ќе се спроведе преку системот на УЈП, односно апликација којашто граѓаните ќе можат со своите мобилни телефони да ја симнат и да извршат скенирање на фискалните сметки, кои веќе нема да претставуваат парче хартија коешто ќе ги потсетува граѓаните само на парите коишто ги потрошиле, туку и на парите коишто ќе им се вратат“, потенцираше директорката на УЈП Лукаревска.

На прес-конференцијата во Владата на РСМ  беше презентирана и апликацијата “Мој ДДВ” којашто граѓаните ќе ја користат од 1 јули, и со која ќе се скенираат валидните фискални сметки. Апликацијата низ 5 едноставни чекори ќе биде алатката преку која граѓаните сега за прв пат ќе се стекнат со можност да вратат дел од ДДВ-то, и на тој начин да станат партнери во борбата против сивата економија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *