Љупчо Николовски: Создаваме конкурентно земјоделство, што ќе биде двигател на економијата

Вести
Македонија може и треба да се потпре на земјоделството како еден од носечките столбови на економијата бидејќи ги имаме сите климатски и природни услови, плодна земја за обработка, вредни луѓе, само треба добро да се организираме и да инвестираме повеќе во едукација и нови технологии. Со нов закон ќе вршиме контрола на пестицидите од влезот на граница до самата употреба. Сите напори за навремена исплата на субвенциите, зголемена финансиска поддршка за развојните категории, поттикнување на преработувачката индустија, изградба на современи хидорисистеми за наводнување, искористеност на ИПАРД програмата, зголемена поддршка за млади фармери, како и со поголема промоција и маркетинг на земјоделството, мислам дека резултатите ќе дојдат брзо и земјоделството ќе биде двигател на економијата. Треба уште многу работа, подобра организираност на самите институции во овој сектор, има уште многу отворени прашања, но важно е дека имаме план којшто на долг рок во следните неколку години ќе даде ефект.

Г-не Николовски, колку Вашите политики во земјоделството почнаа да даваат резултати откако ја презедовте оваа функција? Се поправаат ли работите во земјоделскиот сектор?

Станува збор за исклучително краток временски период во кој наследивме проблеми напластени со години и погрешни политики што биле водени претходно. Но, задоволен сум што воопшто започна тренд во нагорна линија за развој на земјоделството. Преземавме низа конкретни чекори, преку мерки и политики, но и оформување на нови законски решенија коишто веќе се во процедура, кои очекувам да дадат резултат во следниот период. За да се сопре надолниот тренд и да се анулираат погрешните политики во земјоделството водени досега, преземаме системски мерки и решенија. Неколку конкретни мерки веќе даваат резултати. На пример, субвенционирањето на тутунот каде што воведовме скалеста поддршка во зависност од квалитетот, односно по класи на производот, така што за прва класа одобруваме по 80, за втора 70 и за трета класа 60 денари субвенција. Со тоа мотивиравме производство на квалитетен тутун како традиционална култура со којашто се занимаваат над 33 илјади семејства и обезбедува девизен прилив. Се зголеми бројот на производители, за 400 хектари се зголеми засадената површина, со тоа се зголеми производството а постигнавме и историски највисока откупна цена.

Освен тоа, имаме конкретни резултати и во лозарството кое исто така е традиционална култура во земјава. Евидентиравме за 11% зголемување на извозот од секторот лозарство и винарство во првата половина од годината. Освен исплатата на заостанатите субвенции во овој сектор неисплатени од 2013 година, силно се фокусиравме на маркетинг и промоција на виното од Македонија. Следната година издвојуваме двојно повеќе пари за промоција на лозарството и винарниците на сите меѓународни саеми. Сите развојни категории на земјоделски стопанства вклучително и лозарите, годинава добија 20% зголемени субвенции доколку го зголемат производството односно засадените површини.

Би спомнал дека преку зголемени субвенции се обидовме да стимулираме промена на асортиманот за земјоделските култури, односно премин од полјоделски култури во овоштарство, лозарство или други подоходовни култури.

Следната година ќе се фокусираме на преработувачката индустрија. Еден од клучните проблеми е токму неусогласеноста на концептот на субвенционирање со практиките на ЕУ и отсуството на инвестиции во преработувачката индустрија.

Генерално можам да кажам дека се обидуваме да ги решаваме сите проблеми во секторот, и тековните но и сите заостанати и наследени од претходно. Со сите мерки трасираме пат на развој на земјоделството кое што е основа на македонската економија.

2KK_8141

Особено битно за нас во следниот период, освен примарното земјоделско производство, ќе биде преработувачката индустрија односно градење нови капацитети за преработка. Тоа ќе отвори можност за нови инвестиции и отворање нови работни места, но со тоа ќе се реши и проблемот со пласманот, односно ќе го апсорбира вишокот на земјоделски производи. Заради тоа подолго време работевме на расчистување на најатрактивните 23 парцели во 13 региони во државата кои се дадени на јавен оглас, на кој се бараат домашни или странски компании коишто ќе изградат винарници, кланици, центри за преработка на овошје или зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство. Можам да кажам дека постои огромен интерес за овој повик, а тој особено се зголеми откако нашата евроатланска перспектива стана прилично извесна.

Буџетот за сите институции во секторот земјоделство, вклучувајќи го и министерството и неколкуте агенции, за следната година изнесува околу 140 милиони евра. Како ќе ги потрошите овие народни пари и какви ефекти очекувате?

Овие пари се наменети за реализирање на приротитети во овој сектор – првенствено за редовна и навремена исплата на субвенциите со постепена промена на самиот модел, за рехабилитација и изградба на нови хидросистеми за наводнување, како и за исплата на пари од повиците од ИПАРД програмата кадешто забележавме рекордно голем интерес.

Отсуството на резултати во претходниот период од субвенционирањето на земјоделството се должи токму на нередовната исплата, односно тоа што фармерите не ги добивале субвенциите тогаш кога им требаат пари за инвестиции. Меѓудругото, во овој Буџет се предвидени и зголемувањата на субвенциите за 20% за сите развојни категории на земјоделски стопанства. Освен тоа, вклучени се и мерките за интервентни субвенции како на пример за грозјето, оризот и други видови земјоделски производи така што обезбедени се пари за навремена и целосна исплата. Она што е многу важно е зголемување од два и пол пати на парите за исплата од ИПАРД програмата бидејќи се склучени рекорден број на договори што ќе треба да се исплатат догодина. Освен директните плаќања, предвидуваме и зголемување на парите за програмата за рурален развој вклучувајќи и нови мерки што допрва ќе ги презентираме во јавноста.

Буџетот на Министерството за земјоделство е исто така зголемен бидејќи планираме реализација на повеќе капитални проекти во делот на наводнувањето.

 

Кои капитални проекти планирате да ги реализирате во земјоделството следната година и како тие може да ги подобрат условите за работење на земјоделците?

Повеќе капитални проекти веќе ги почнавме годинава, а тие ќе продолжат да се градат и следната. За хидросистемот Јужна Вардарска долина испланиравме повеќе пари бидејќи веќе следната недела планираме да го склучиме договорот со избраниот изведувач Страбаг и очекуваме дека со тоа што се завршени сите постапки и процедури, овој проект за 2 илјади хектари систем за наводнување во Валандово ќе биде реализиран. Обезбедени се уште 20 милиони евра од германската KFW банка за изградба и на третата фаза од овој проект со којшто се опфаќа наводнување за уште 1.700 хектари.

Околу 3,5 милиони евра дополнително предвидовме за инвестиции во првата фаза од изгадбата на хидросистемот Злетовица со цел околните општини, Лозово, Карбинци, Свети Николе, Штип и Пробиштип да ги поврземе на овој систем и да овозможиме продолжување на изградбата на хидросистемот во овој регион за наводнување на уште 5 илјади хектари во Велес и Чашка.

Годинава започна реализацијата на најголемиот капитален проект на Министерството за земјоделство вреден 40 милиони евра, а тоа е изградбата на браната Конско во Гевгелија, гадежните активности се одвиваат интензивно а овој проект ќе се реализира во следните неколку години. Оваа брана ќе овозможи да се изгради систем за наводнување на 8 илјади хектари плодно земјиште.

Со инвестиција проценета на 15 милиони евра, годинава започнавме да го градиме и хидросистемот Равен – Речица во тетовски Полог за околу 3 илјади хектари обработливо земјиште.

Веќе е издадено и одобрение за изградба на брана на Оризарска река во Кочани, така што очекуваме оваа инвестиција од 30 милиони евра исто така да почне да се реализира во 2019 година.

Со помош од ЕУ се фокусираме и на изградба на мали еколошки системи за наводнување, мапирани се 80 точки во државата, потоа одредивме 10 најприоритетни од кои веќе кај три изградбата е почната, тоа се системот во Славишко Поле, во Струмица и во Кичево.

Зголемени се и парите за изградба на хидросистемите што се финансираат преку Програмата за рурален развој, а совен тоа ќе ја реализираме и програмата за проширена репродукција на шумите како особено значајна и за аерозагадувањето.

Освен изградбата на нови, се рехабилитираат повеќе постоечки хидросистеми, и со тоа ќе овозможиме експанзија на капитални инвестиции во системи за наводнување што ќе овозможи проширување на опфатот на наводнувани површини како клучен предуслов за модерно и конкурентно земјоделство.

 

Околу 110 милиони евра следната година се планирани за исплата на земјоделски субвенции. Планирате ли да го промените моделот на субвенционирање за парите да испорачаат ефекти во насока на зголемување на земјоделското производство и конкурентноста на производите? Светска банка во својата последна студија сугерира“рационализација на земјоделските субвенции од директни исплати во мерки поврзани со конкретни инвестиции“.

Наследивме огромни долгови во овој дел, односно неисплатени заостанати субвенции од претходни години па така за година и пол исплативме вкупно 200 милиони евра. Тоа впрочем беше нашата прва цел, да ги расчистиме долговите и се надевам дека што помалку обврски ќе бидат пренесени за следната година.

Уште лани побаравме поддршка од ЕУ да направиме анализа на импактот од субвенциите во земјоделскиот сектор. Оваа анализа што ја правеа меѓународни консултантни веќе ја добивме, со конкретни препораки и сугестии до кои мора да се држиме. Тоа се насоките според кои ќе ја правиме промената на моделот на субвенционирање од 2019 до 2026 година.

Првиот заклучок е дека системот за директни плаќања не е усогласен со европската заедничка политика. Има многу мерки и подмерки кои создаваат еден комплициран систем што ја отежнува работата и на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, а од друга страна се и причина за доцнење на исплатите на субвенциите. Прво што ќе промениме е да ги скратиме мерките во Програмите, со што ќе ги имплементираме првите препораки од оваа анализа. Со тоа ќе се растовари административниот товар кај Агенцијата, иако уште годинава по препорака на ЕУ отворивме нови 67 работни места за да се зголеми капацитетот на Агенцијата за исплата и на субвенциите но и на договорите од ИПАРД програмата.

Конкретно, ќе ги издвоиме сите земјоделски стопанства што аплицираат за субвенции а коишто имаат површини до еден хектар, во една група. Тоа значи дека отсега нема да треба да аплицираат за повеќе различни мерки и подмерки, туку сите ќе бидат во групата мали земјоделски стопанства. Станува збор за речиси половина од корисниците на земјоделски субвенции што отсега ќе аплицираат за една единствена мерка без оглед на видот на земјоделската култура. Со тоа, и контролата од страна на Агенцијата ќе може да се пренасочи кон остатокот од апликантите со поголеми површини кои добиваат и повеќе субвенции.

Годинава веќе ги зголемивме субвенциите за развојни земјоделски стопанства, а воведовме и лимит како препорака од сите релевантни извештаи, на субвенции до максимум 300 илјади евра. Оние земјоделски стопанства со поголем капацитет имаат пристап до кредити и до други извори на финансирање. Скративме одредени меки коишто биле креирани само за одредени коисници на субвенции, се креирале по една мерка за еден апликант.

Следната година ќе ја воведеме и мерката за поддршка на младите земјоделски стопанства во делот на директните плаќања, па така поддршката од 10 илјади евра да ја зголемиме на 15 илјади. Дополнителните мерки за предадена количина ќе се обидеме да ги вградиме во основните субвенции, се уште ги правиме анализите кога и на кој начин може да бидат имплементирани.

Со тоа веќе го имаме сценариото како по години ќе се менува моделот на субвенционирање, ќе оди со постепено зголемување на Програмата за рурален развој.

За прв пат ќе ја воведеме инвестициската мерка за поддршка на преработувачката индустрија. Оваа мерка ќе ја објавиме следната година, со цел државата да ги поддржи приватните инвеститори и преку јавни приватни партнерства да даде финансиска помош за развој на преработувачката индустрија. Досега се субвенционираше само производството но не и преработката и тоа е еден од клучните поблеми за пласманот.

 

За десет години само за субвенции во земјоделството се исплатени речиси една милијарда евра, но и покрај тоа, статистичките податоци покажуваат намалување на земјоделското производство кај речиси сите култури, намалување на засадената обработлива површина, увозот на храна постојано расте. Што е проблемот?

Проблемот е во отсуството на долгорочни системски мерки и политики во субвенционирањето. Иако годинава забележуваме раст на извозот кај одредени земјоделски култури, виното, сепак уште многу треба да се работи за да се поттикне поголем извоз. Но факт е дека со години наназад се зголемува и увозот на земјоделски производи. Мора да се направи стратегија кои се тие производи од коишто сме увозно зависни и да се фокусираме на домашно производство токму во тие сегменти. На пример, апсурдно е Македонија да увезува пилешко месо во голем дел. За да се супституира овој увоз, се фокусиравме преку државна поддршка да го развиваме домашното производство. Направивме и конкретен проект со Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации за поддршка на секторот живинарство, но потребни се и други слични модели преку кои ќе се поттикне производствто на производи што ги увезуваме. Друг проблем што веќе го напомнав е нередовната исплата на субвенциите така што наместо за вложување во земјоделско производство, фармерите ги користат парите за да ги подмират тековните обврски, да си ги платат сметките или слично.

Намалувањето на засадените обработливи површини е последица на тоа што цела деценија не се градени системи за наводнување, а оваа е прва година откако почнавме една офанзива во градење на хидросистеми што мислам дека ќе им овозможи на земјоделците подобри услови и ќе биде мотив повеќе да засадат поголеми површини со земјоделски култури.

Генерално, неповолните бројки коишто покажуваат увоз на храна, намалување на земјоделското производство и слично покажуваат осуство на јасна стратегија, но ние веќе ги поставивме политиките така што на долг рок ќе ги дадат очекуваните резултати.

 

Каква е распределбата на државно земјоделско земјиште? Може ли да очекуваат земјоделците, но и граѓаните што допрва сакаат да се занимаваат со земјоделство, пристап до нови парцели на кои ќе може да почнат бизнис во овој сектор?

Па еве на последната владина седница е усвоен нов повик што трае 30 дена за доделување земјоделско земјиште со конкретен бизнис план. Особено битно за нас во следниот период, освен примарното земјоделско производство, ќе биде преработувачката индустрија односно градење нови капацитети за преработка. Тоа ќе отвори можност за нови инвестиции и отворање нови работни места, но со тоа ќе се реши и проблемот со пласманот, односно ќе го апсорбира вишокот на земјоделски производи. Заради тоа подолго време работевме на расчистување на најатрактивните 23 парцели во 13 региони во државата кои се дадени на јавен оглас, на кој се бараат домашни или странски компании коишто ќе изградат винарници, кланици, центри за преработка на овошје или зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство. Можам да кажам дека постои огромен интерес за овој повик, а тој особено се зголеми откако нашата евроатланска перспектива стана прилично извесна. Станува збор за вкупно 1.420 хектари, ќе има електронско наддавање така што очекувам и силна конкуренција бидејќи навистина станува збор за најатрактивни блокови, некои од нив неодамна одземени од страна на државата како резултат на раскинати договори со претходни закупувачи. Ова е прв од низата следни повици.

Во тек е и прв јавен повик на којшто е огласено целокупното земјоделско земјиште во Македонија, така што ова е можност за фармерите, но и граѓаните што допрва сакаат да се занимаваат со земјоделско проузводство, брзо и лесно да дојдат до земјиште за нивните нови инвестиции. Да кажам дека за било која парцела која што не е предмет на денационализација или нема долгогодишни насади, договор ќе може да се склучи со геодетски елаборат и писмо на интерес.

Во претходниот период ослободивме вкупно 24 илјади хектари земјоделско земјиште како резултат на раскинување на договори поради неактивност, односно земјиштето не се обработувало, поради неплаќање на закупнини подолго време, имавме над 400 случаи каде што не се плаќале закупнини повеќе од три години така што тие договори моравме да ги раскинеме за да дојде ова земјиште во рацете на вистинските фармери.

Годинава го решивме и проблемот со запоставеното земјиште во Џумајлија кое што седум години не се обработуваше, а веќе се склучени 159 договори со поединечни земјоделци, и осум договори за нови инвестиции во преработувачки капацитети.

Можам да кажам дека оваа година беше рекордна по бројот на објавени огласи за земјоделско земјиште, а со законски измени го олеснуваме пристапот за да може секоја педа обработлива земја да биде искористена.

 

Каква е искористеноста на европските фондови за земјоделството досега и какви ви се очекувањата од новите повици од програмата ИПАРД 2?

Во рамки на првиот повик што беше распишан лани, годинава се склучени 940 договори во вредност од 18,2 милиони евра. Тоа се за набавка на трактори, за капацитети во преработувачка индустрија, за отворање на нови бизниси во руралните средини, односно за сите мерки опфатени со програмата. Факт е дека имавме одредени слабости во реализирањето бидејќи Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството немаше доволно капацитет поради исплатите на заостанатите субвенции од претходни години, заради тоа што повикот беше распишан од претходната власт со различни критериуми коишто оневозможија сите инвестиции да бидат поддржани веднаш. Но и покрај тоа, вредноста на склучените договори е многу поголема од целиот износ на склучени договори во целиот претходен период. На 12 повици претходно, искористени се околу 16 милиони евра, а сега на еден повик дури 18, 2 милиони евра. Нашата посветеност да ги искористиме сите овие фондови очигледно дава резултати и така ќе продолжиме и во следниот период.

Распишан е повик за преработувачки капацитети од ИПАРД каде што на располагање имаме 13 милиони евра а до крајот на годинава ќе биде распишан уште еден повик за поддршка на инвестиции во материјални средства каде што имаме на располагање 9 милиони евра.

Следната година очекувам уште поголем број на повици бидејќи ги забрзавме постапките, ги зголемивме сопствените капапцитети, ги решивме проблемите и со тоа ИПАРД ќе биде една од најуспешните приказни со голема искористеност на предвидените пари.

 

Имајќи ги предвид сите мерки и политики што сте ги презеле досега, може ли земјоделството да стане една од носечките гранки на домашната економија?

Македонија може и треба да се потпре на земјоделството како еден од носечките столбови на економијата бидејќи ги имаме сите климатски и природни услови, плодна земја за обработка, вредни луѓе, само треба добро да се организираме и да инвестираме повеќе во едукација и нови технологии. Со нов закон ќе вршиме контрола на пестицидите од влезот на граница до самата употреба. Сите напори за навремена исплата на субвенциите, зголемена финансиска поддршка за развојните категории, поттикнување на преработувачката индустија, изградба на современи хидорисистеми за наводнување, искористеност на ИПАРД програмата, зголемена поддршка за млади фармери, како и со поголема промоција и маркетинг на земјоделството, мислам дека резултатите ќе дојдат брзо и земјоделството ќе биде двигател на економијата. Треба уште многу работа, подобра организираност на самите институции во овој сектор, има уште многу отворени прашања, но важно е дека имаме план којшто на долг рок во следните неколку години ќе даде ефект.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *