Ловостој на Осломејското Езеро поради мрест на крапот

Вести

 

Од почетокот на мај започна ловостојот на Осломејско Езеро поради мрестот на крапот, кој редовно се одвива во овој период од годината. Мрестот на крапот ќе трае околу 50 дена, а контролата на криволовот ќе го вршат поголема група спортски риболовци од риболовното друштво „Хантер Фиш“, кои со својот редовен ангажман ќе се погрижат мрестот да се заврши според планираното, информира Бесмир Елези, претседател на риболовното друштво.

– Во наредните 50 дена во Осломејското Езеро ќе се одвива мрестот на крапската риба и ќе трае до 20 јуни. Во истиот период ќе биде забранет риболовот на овој вид на слатководна риба. За да имаме успешен мрест на крапот, погодува и високиот водостој на езерото, бидејќи подолг период оваа езерска акумулација има константен водостој. Годинешниот успешен мрест ќе придонесе езерото да биде уште побогато, тоа ни го потврдува и ланското искуство од мрестот. Резултатите од успешниот мрест ќе може да ги видиме за две до три години, со нови помали примероци на крап, истакна Елези.

Додека се одвива мрестот и трае забраната за лов на крапска риба, за останатите видови слатководна риба што ги има во оваа акумулација, како карашот и кленот, риболовот е дозволен, само од јужната страна на езерото. Петте порибувања и ланскиот успешен мрест, уште повеќе го збогатија Езерото со овој вид на слатководна риба.

Елези го потенцира многу побрзиот развој на рибата во ова Езеро, поради погодностите што ги нуди тоа.

– Осломејското Езеро покрај порибувањето што го имаше во пет наврати, рибниот прираст го должи и на успешно спроведениот мрест од лани и преклани и богатата вегетација со која изобилува, што овозможува да има голем, натприроден прираст на рибата, застапена во оваа езерска акумулација, додава Елези.

Тој нагласува дека ако крапот има годишен прираст од 500 грама во други акумулации, благодарение на богатата вегетација и константниот водостој, годишниот прираст на Осломејско Езеро е далеку поголем и може да изнесува и еден килограм или со други зборови рибата во ова езеро е брзорасна.

Извор: МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *