Во Хангџо, НР Кина каде се одржува четвртиот состанок на министри за земјоделство на кој присуствуваат претставници на високо ниво од Кина и земјите на централна и источна Европа, свое учество зема и делегација од МЗШВ предводена од државниот секретар г-ин Нефрус Челику.
Покрај министерскиот состанок во Кина се одржува и 14-от економски и трговски форум на тема „Дигиталното земјоделство како движечка сила за ревитализацијата на руралните средини“.
На форумот државниот секретар Челику ја потенцираше посветеноста на политиките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пред се во делот на руралниот развој за поддршка на инвестициите за модернизација на секторот, за кои се издвојуваат околу 30% од вкупните финансиски средства за поддршка. Челику на форумот ги истакна и достигнувањата во секторот преку мапирањето на земјоделските површини односно со дигитализација на употребата на земјоделското земјиште и примената на современите методи во управување со ризиците и болести на растенијата кои се спроведуваат во регионот на Преспа. МЗШВ и во следниот период ќе настојува доближување на современите технологии кон малите семејни стопанства.
Во Кина покрај форумот и состанокот на министри беше усвоена заедничка декларација за идна размена на искуства помеѓу земјите од иницијативата 17+1 во насока на поголема употреба на дигиталното земјоделство заради што ќе бидат превземени здружени чекори. Македонската делегација оствари и повеќе билатерални средби со преставниците од Кина и земјите во регионот.