Македонскиот живинарски сектор напредува преку соработка

Вести Живинарство

И покрај тоа што Северна Македонија е нето увозник на живинско месо, земјата има долга традиција и голем потенцијал на производство на бројлери.

Со оглед на растечката домашна побарувачка за висококвалитетно, свежо живинско месо, земјата би можела – со добра јавно-приватна соработка, таргетирани инвестиции и унапредување на вештините на фармерите – да го зголеми пласманот на живинско месо од домашно производство, а со тоа да се подобри благосостојбата на семејните живинарски стопанства  и да се креираат можности за вработување на млади луѓе.

За да се адресираат овие прашања, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вчера ги собраа релевантните засегнати страни во Велес, заеднички да ја постават рамката за петгодишна, акциски ориентирана, Стратегија за развој на македонскиот подсектор за бројлери. Дводневната работилница е дел од тековниот проект на ФАО, чија цел е да се направи подсекторот на бројлерско производство конкурентен, инклузивен и еколошки.

Целта е новата Стратегија да го максимизира придонесот на подсекторот бројлерско производство кон економскиот раст, создавањето на нови работни места и одржливоста на животната средина. За време на работилницата, клучните актери во живинарскиот вредносен синџир ќе разговараат за тоа како да ги зајакнат врските и соработката. Земјоделците и производителите ќе научат како да ги диференцираат своите производи врз основа на еколошки методи на производство, соодветно позиционирање и брендирање, како и обезбедување на квалитет и безбедност на производите.

Работилницата ја отвори Државниот секретар при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,  Нефрус  Челику,  истакнувајќи ја важноста на воспоставување цврст дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор за елиминирање на  тесните грла во развојот на секторот живинарство, како и градењето на консензус  за тоа како секторот да стане посилен, поконкурентен и попрофитабилен. ”

Како резултат на работилницата, претставниците од јавниот и приватниот сектор ќе ги дефинираат, договорат и испланираат потребните реформи и активности за решавање на правните и институционалните недостатоци и тесни грла во живинарскиот сектор, со цел развој на силен и конкурентен домашен бренд, способен да привлече инвестиции и да пробива нови пазари, врз основа на одржлив развој и секторска  соработка.

Учесници се претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,  Агенцијата за храна и ветеринарство, Платежната Агенција, производители на бројлери, преработувачи, трговци на мало и големо, како и претставници на меѓународната донаторска заедница, академијата и финансискиот сектор.

 

Посилни производители на живина

 

Производителите на живинско месо во земјата се главно мали земјоделски стопанства, и  многумина не се запознаени со современите техники на производство и маркетинг и не можат да инвестираат во нив. Тие се соочуваат со неможност да се вклучат во формалниот малопродажен сектор на живинско месо поради низа пречки, како интензивна ценовна конкуренција од увозот, недоволна организираност и координација во вредносниот синџир, зависност од увоз на скапи суровини и недостаток на соодветни секторски политики.

За таа цел, ФАО поддржува воспоставување на кооперантски односи меѓу земјоделците, преку нивно здружување и формирање здруженија, групи на производители или задруги. Неодамнешното формирање на Националната Асоцијација за Живинарство претставува значителен чекор кон постигнување на оваа цел. Здружението ќе работи кон заедничка визија за силен домашен бренд на живинско месо кој потрошувачите ќе можат да го разликуваат од увозот.

“Градењето цврсти и одржливи партнерски односи меѓу сите фактори во живинарскиот сектор им користи на сите”, изјави Шибон Кели, советник на ФАО за системи за храна и тим лидер на проектот.

“Благодарение на унифицираната визија за развој на секторот, реформи во политиката и зајакнување на знаењата на сите чинители во вредносниот синџир, македонските производители на живина конечно ќе можат да се потпрат на домашниот пазар, а трговците и преработувачите ќе можат да набавуваат локални производи поефикасно.  Истовремено, потрошувачите ќе имаат подобар пристап до квалитетно живинско месо од домашно производство”.

 

ЛИНКОВИ:

ФАО патоказ за живинско производство

http://www.fao.org/poultry-production-products/en/

 

Вредносен синџир во живинско производство

http://www.fao.org/poultry-production-products/socio-economic-aspects/poultry-chain/en/

 

Преглед на развојот на секторот живинарство

http://www.fao.org/3/i3531e/i3531e00.htm

 

ФАО и Република Северна Македонија потпишаа тригодишен договор за соработка

http://www.fao.org/europe/news/detail-news/en/c/1144995/

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *