Министерот Хоџа одржа состанок со работната група за родова еднаквост и зајакнување на жените

Вести

 

Вчера, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, заедно со регионалната проектна менаџерка за родово-одговорно буџетирање за Европа и Централна Азија на UN Women Ермира Лубани, одржаа работен состанок со членовите на работната група за родова еднаквост и зајакнување на жените при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Состанокот е во рамките на проектот„Промоција на родово одговорни политики и буџети кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во РСМ, кој финансиски е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој СИДА, а спроведен од Телото на обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women). Работниот состанок беше организиран во пресрет 15. октомври кој се одбележува како Меѓународен ден на руралната жена.

„ Родовата нееднаквост е важна тема за секое општество и истата е особено изразена во земјоделскиот сектор и во руралните средини. Земјоделството се смета за сектор во кој доминираат мажите, но сепак, како двигател на растот и развојот, во овој сектор во поголема мера треба да обезбеди посилна препознатливост на жените и нивната значајна улога. Земјите членки на Европската унија континуирано ја анализираат положбата на жената во земјоделството и руралните средини, во рамки на заедничката земјоделска политика. Резултатите од овие анализи се земаат предвид при креирање на програмите за рурален развој со цел да се надминат општествените стереотипи за родовите улоги кои го ограничуваат пристапот на жените до можности, а со тоа да се воспостават родово рамноправни рурални општества“ посочи министерот Арјанит Хоџа.

Тој ги образложи сите чекори кои беа досега превземени од страна на МЗШВ, во насока на подобрување на статусот на руралната жена во нашето општество, со посебен акцент на Мерката 115 „Поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство“ во Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период од 2018-2022 година. Креирањето на оваа мерка беше на транспарентен начин, и за првпат со учество на сите засегнати страни и потенцијални корисници на истата. Со оваа мерка се овозможува поддршка во вид на грант во висина од 180 000 денари за започнување на дополнителна дејност на женски член на земјоделско стопанство запишано во ЕРЗС. За оваа мерка се пристигнати 402 апликации во Платежната агенција. Заради ситуацијата со КОВИД 19 во земјата, евалуацијата на пристигнатите апликации за оваа мерка е пролонгирана, се уште е во тек.

Исто така, министерот Хоџа, го потенцираше и значењето на донесувањето на т.н Правилници за продажба од куќен праг, кој неодамна беа ставени во функција и со кои се допринесува руралните жени да можат на легален начин и во законска рамка да ги продаваат своите производи.

Региoналната проектна менаџерка за родово-одговорно буџетирање за Европа и Централна Азија на UN Women, Ермира Лубани, истакна дека заложбите на РСМ во однос на воведување на родовата перспектива во политиките и буџетите е на напредно ниво и може да бидеме пример во регионот. Таа искажа големо задоволство од досега сработеното и од поддршката која во овој проект ја дава МЗШВ.

Оваа година, Генералното собрание на Обединетите нации ја одбележува 25-годишнината од Пекиншката платформа за акција, основа за остварување на женските права. Лидерите ширум светот ги повикуваат владите да ги активираат нивните заложби кон родово-еднаков свет, и ние како Влада со преземање на овие мерки ја покажуваме својата заложба во тој правец.

Состанокот се одржа во Хотел Арка, со почитување на сите мерки и препораки за заштита од Ковид 19.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *