Од саботата,па до денес, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски е во официјална посета на Република Чешка. Во рамки на посетата, министерот имаше работна средба со чешкиот министер за земјоделство, Мирослав Томан, со кога разговараа за заедничката соработка на двете држави во секторот за земјоделство и храна, вклучително и бизнис секторот како и за пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија.
Во склоп на посетата на Р.Чешка, министерот Николовски присуствуваше и на Националниот саем за сточарство што се одржува во Брно, Р. Чешка придружуван од делегација од МЗШВ и од пет македонски компании од агросекторот. Во рамки на саемот се реализираа Б2Б средби на македонските компании од млечната и месната индустрија, со чешките компании од областа на земјоделството, со цел воспоставување на бизнис соработка, размена на искуства во делот на сточарството и млекарството, како и зголемување на трговската размена.
Во склоп на официјалната посета на Р.Чешка, министерот Николовски, ќе посети чешка компанија за производство на трактори и компанија за производство на биогас.
Инаку, со Република Чешка за прв пат се потпишува документ за соработка во областа на земјоделството, што претставува позитивен импулс во унапредување на взаемната соработка. Како што беше потврдено на втората седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу РСМ и Чешката Република, земјоделството е еден од приоритетните сектори на кој треба да се посвети внимание, бидејќи Чешка увезува значителна количина на земјоделски производи и преработки и тоа претставува можност за пласман на македонските земјоделски производи и зголемување на македонскиот извоз на чешкиот пазар.