МЗШВ ја објави нацрт верзијата на Националната Стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година

Вести

Од денесака на веб страната на МЗШВ, јавно е достапна нацрт верзијата на Националната Стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година.

Ова е главниот долгорочен стратешки документ на кој се базира поставувањето и спроведувањето на целите, политиките и мерките за развој на земјоделството и руралните средини во Република Северна Македонија (РС Макеодонија). Согласно член 6 од Законот за земјоделство и рурален развој, националната стратегија се донесува заради долгорочно планирање на националната земјоделска политика во насока на остварувањето на законски дефинираните секторски развојни цели.

Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година го одразува континуитетот на државата за земјоделството поради неговото мултидимензионално значење и особено заради обезбедување на одржливост на руралните средини. Како потврда е позитивниот нагорен тренд на издвојувања во земјоделството и руралниот развој кој продолжува и во периодот после 2020 година и покрај негативното влијание предизвикано од глобалната КОВИД-19 пандемиска криза.

Стратегијата е трет по ред документ од овој тип кој на организиран и системски пристап ги дефинира политиките кои ќе се спроведуваат во претстојниот седумгодишен период, нудејќи одговори во справувањето со тековните и идни предизвици во производството на храната и управувањето со природните ресурси поврзани со земјоделството, како и генерално за животот во руралните средини.

Подготовката на стратегијата се базираше на широк институционален, аналитички и партиципативен процес. Со цел идентификување и проценка на приоритетните потреби за промени и подобрување на состојбата во секторот беше превземена сеопфатна аналитичка работа на ефектите и искуствата од спроведување на претходната национална стратегија, анализа на развојните трендови за период 2014-2020 година и моменталната состојба и SWOT анализа.

Врз основа на наодите, беа дефинирани три стратешки и девет специфични цели. Подобрувањето на конкурентноста и одржливост на приходот на земјоделските стопанства, примената на еколошките практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедување на одржлив развој на руралните средини се генералните цели кон кои ќе се стреми секторот потпомогнат од страна на државата. Според член 3 од Законот за земјоделство и рурален развој, целите ќе бидат постигнати преку мерките и инструментите на националната земјоделска политика за директни плаќања, уредување и поддршка на пазарите на земјоделски производи и рурален развој. Дополнително, целите ќе се реализираат и преку политиките за одржливо управување со природните ресурси, за безбедност на храната, како и политиките за унапредување на знаењето и иновациите во земјоделството.

Во целиот процес на подготовка, министерството изврши голем број на консултации со учесниците во секторот пред се организирани во рамките на постојаните подсекторски групи и други формални тела, со надлежни органи на државна управа, меѓународни институции и останати релевантни чинители, кои во добар дел беа спроведени преку платформите за виртуелни состаноци поради кризата со КОВИД-19.

При подготовката на националната стратегија, министерството се водеше од последните регулативи на Европската Комисија (ЕК) кои ја уредуваат соодветната област на земјоделските и рурални политики за периодот 2021-2027 година, пред се предлог регулативата на Европскиот парламент и на Советот COM (2018) 392 final – 2018/0216 (COD) која ги донесува правилата за подготовка на Стратешките планови на земјите членки за следниот период, како и од останатите секторски политики кои се дел од Заедничката земјоделска политика (во понатамошниот текст ЗЗП) на Европската унија (во понатамошниот текст ЕУ).

Во подготовката на стратегијата беше вклучена релевантната македонска експертската јавност, пред се од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, подржани од министерството и Постојаната работна група за регионален и рурален развој во Југоисточна Европа (SWG) , меѓународен експерт обезбеден од Делегацијата на ЕУ во Скопје и експертиза на Организацијата на храна и Организацијата за жени при ОН.

Согласно закон, спроведувањето на Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој се реализира преку петгодишната Национална програма за развој на земјоделството и рурален развој, Програмата за претпристапните средства од петтата компонента за земјоделство и рурален развој – ИПАРД и годишни програми за финансиска поддршка во земјоделството и за финансиска поддршка на руралниот развој кои ќе се подготват во периодот на спроведување на документот.

Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година е усогласена со останатите стратешки и плански документи во областите на земјоделството, безбедноста на храната и шумарство. Последните две области се подетално уредени со засебни стратешки документи, додека со Националната стратегија е обезбедена меѓусебна усогласеност на целите, политиките и мерките.

Со цел дополнително консултирање на јавноста пред донесување на документот од страна на Владата, финалниот нацрт на Националната Стратегија, МЗШВ го објави на својата веб страница. Во услови на немање можност да се одржи јавна расправа поради пандемијата предизвикана од Ковид 19, ја повикуваме целокупната јавност да искомуницира со нас преку нашата веб страна. Стратегијата како и меил за контакт, достапни се на следниов линк: http://www.mzsv.gov.mk/CMS/Upload/%D0%9D%D0%A1%D0%97%D0%A0%D0%A0%202021-2027-converted%20final.pdf

Ги повикуваме сите земјоделци, производители на храна, жители на руралните средини и сите останати правни и физички лица, да ги достават своите предлози, мислења и коментари со цел финализирање на документот, по што ќе следи негово одобрување од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Вашите коментари, забелешки, сугестии и предлози доставете ги на следната емаил адреса:

perica.ivanoski@mzsv.gov.mk

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *