МЗШВ за проблемот со пласманот на јаболката во Русија: Ургентно ќе се изготви план со мерки кои ќе се преземат во следниот период

Вести

Од 1 декември Русија воведе привремени ограничувања за испорака на сите растителни производи од Македонија поради откривањето на кафеава мермерна бубачка во јаболката.

Кафеавата мермерна бубачка е опасен штетник кој им се заканува на различни видови земјоделски производи, што може да доведе до намалување на приносите до 80 отсто од вредните култури, вклучително и житарките и овошјето, наведува агенцијата.

Трговците извозници на јаболка од Преспа, се зачудени од реакцијата на Русија за привремени ограничувања за испорака на сите растителни производи од Македонија од 1 декември, поради откривањето на кафеава мермерна бубачка во јаболката со потекло од нашата земја.

-Бубачката што е најдена во неколку камиони на почетокот на пласманот е најдена во сезона на берење, кога директно се пакуваше. Проблемот е пред 20 дена и повеќе, има наезда точно, но ја има во цела Европа, ја има и во Србија и во другите земји. Зошто е ставена забраната само за нас, не знаеме – изјави за Агротим, Агрон Реџепи од компанијата Матрикс Груп.

Тој посочува дека вакват појава имало и претходно и досега немало ваков проблем кој сериозно ќе го наруши пласманот на јаболката.

-Забраната ќе направи голем проблем, количината што оди за рускиот пазар беше една добра бројка, тоа се прекинува сега, Бугарија слабо купува, романскиот пазар е слаб, нема алтернативен пазар и се плашам дека ќе се случи колапс, ќе влијае многу негативно за Преспа. Да се надеваме дека како што велат е времена забрана, но до кога ќе трае, никој не знае. Забраната започна од пред два дена. Запрено е сè и нашето Министерство и фитосанитарниот инспекторат не издаваат веќе дозволи – вели Реџепи.

Според неговата изјава, тој гарантира дека сега да се направат анализи на јаболката што ќе одат на рускиот пазар, нема да се најде ниту една бубачка.

-Сто процентни гарантирам дека сега да се направат анализи на овие јаболка што ќе одат за Русија, нема да најдат ниту една бубачка на 20 тони пратка. Дополнително, не се работи за некоја отровна бубачка за јаболкото како производ, влијае на приносите, но не влијае штетно врз здравјето на луѓето. Навистина не знам зошто така процениле да стават забрана – вели Агрон Реџепи, производител и трговец на преспански јаболка.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изјавуваат дека се информирани за ситуацијата и согласно тоа веднаш превземаат мерки.

„Во текот на вчерашниот ден преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Руската Федерација, добиено е известување од Федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација за присуство на карантински штетник во Руската Федерација во две пратки со јаболка со потекло од Република Северна Македонија. Исто така, информирани сме дека Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација времено го ограничува увозот на земјоделски производи со македонско потекло во Руската Федерација. Оваа времено ограничување се однесува на сите регулирани растенија и растителни производи во Руската Федерација кои се домаќини на карантинскиот кафен мраморен инсект (Halyomorpha halys). Штетникот е широко распространет во одредени земји во Еропа, како и кај нас и регионот и истиот не е регулиран во ЕУ и во Северна Македoнија. Овој штетник не e на нашата листа на карантински штетници, но е карантински за Руска Федерација која има други фитосанитарни закони кои не се исти со европските. Надлежните служби за фитосанитарна политика од Република Северна Македонија спроведуваат детална анализа со цел преземање на мерки за надминување на настанатата ситуација. Во овој процес ќе бидат вклучени, освен надлежните служби од областа, така и експерти и сите засегнати производители и трговци. Ќе се изготви план со мерки кои ќе се преземат во следниот период. За истото во најкраток временски рок ќе се информира Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација за надминување на оваа состојба“ – велат од МЗШВ.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *