Народна банка ги објави стандардизираните табели за депозитите и кредитите на банките

Вести

 Почна објавувањето на стандардизираните табели со податоци за кредитите и депозитите што ги нудат банките и штедилниците.

Од почетокот на месецов, на своите веб страници тоа го прават банките и штедилниците, а од денеска овие податоци се објавени и во посебен дел на веб страницата на Народната банка.

Од Народната банка посочуваат дека за разлика од досега кога банките и штедилниците индивидуално избирале кои податоци ќе ги објавуваат за своите производи и во каква форма, сега, со новиот унифициран пристап, на граѓаните им се овозможува попрецизна и целосна информираност за најзначајните аспекти при изборот на кредитите и депозитите, притоа водејќи сметка и за можните ризици.

– Согласно со насоките донесени од Народната банка и МБА, податоците објавени од сите банки и штедилници, покрај основните информации за банкарските производи, како рочноста, валутата и каматната стапка, вклучуваат и дополнителни, подетални информации, како што се висината на стапката на вкупните трошоци кај потрошувачките кредити и трошоците коишто не влегуваат во оваа стапка, видот на обезбедувањето и минималниот сооднос обезбедување / кредит кај станбените кредити, можноста за предвремено разрочување кај депозитите и други. Следствено, податоците објавени во ваква форма треба да овозможат подобар увид во условите понудени од страна на одделните банки и штедилници, како основа за носење одлука за избор на најсоодветниот производ, согласно со можностите и склоностите на потрошувачите, велат од Народната банка.

Покрај табелите со стандардизирани податоци, на веб-страницата на Народната банка објавени се и други содржини за потребите на клиентите на банките и штедилниците, вклучувајќи и податоци за контакт за поплаки за одделни банки и штедилници, како и најчесто поставувани прашања од потрошувачите до Народната банка.

Од централната банка додаваат дека делот од веб страницата каде се објавени стандардизираните табели со податоци постојано ќе се надградува, паралелно со активностите што ги спроведуваат за заштита на потрошувачите.

Објавувањето на стандардизираните табели е дел од првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто неодамна беше усвоена од страна на финансиските регулатори.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *