Неисправна водата за пиење од водоводите во четири села во Виничко

Вести

Зголемена физичко-хемиска неисправност на водата за пиење од локалните водоводи во три села во општина Виница е утврдена со последните испитувања што ги направи Центарот за јавно здравје од Кочани.

Резултатите од земените примероци во селата Трстија, Трсино и Пеклани покажале зголемена потрошувачка на калиум перманганат, поради што неопходна е претходна преработка и дезинфекција на водата за да може да се користи за пиење. Микробиолошките тестирања на примероците од водоводот во селото Крушево потврдиле зголемено присуство на бактерии, поради што се препорачува забрана за користење на водата.

– Испитувањата на физичко-хемиските својства на водата во трите населени места покажаа отстапување на параметрите од законските и стручни прописи, поради што е неопходно таложење, флокулација, коагулација и филтрирање. Освен тоа, во локалниот водовод во Крушево е констатирано зголемено присуство на бактерии на 36 степени Целзиусови на еден милилитар, поради што водата не треба да се користи за пиење, за лична хигиена и за миење овошје и зеленчук. Потребно е да се стави табла со натпис со кој ќе се информираат жителите и посетителите дека истата не е безбедна за употреба, се истакнува во извештајот од Центарот за јавно здравје во Кочани.

Во писмените препораки до Општина Виница, од Центарот за јавно здравје нагласуваат дека кај сите селски водоводи е неопходна редовна дезинфекција.

Испитувањето на примероците од локалните водоводи во селата Кршла, Драгобраште и Калиманци покажале задоволителни физичко-хемиски и бактериолошки резултати, но препораката е месното население како превентива да ја преврива водата пред да се користи за пиење.

Извор: МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *