Средбите со земјоделците имаат интересна динамика поделена на три забележителни однесувања на земјоделците.
Почнуваат со топло добредојде, расположени да се поздрават, да се видиме лично, а не само на фб или на телевизија, да пофалат некоја мерка или активност.
Потоа доаѓа работниот дел кој секогаш е со истакнување на проблемите, директни прашања, па малку докажување пред нас и пред колеги земјоделци, одговори, некогаш повишен тон бидејќи долги години беше лоша состојбата во земјоделството и разбирлива е нивната нестрпливост, изгубена доверба во институциите и земјоделските здруженија.
После, обично 2 часа одговори од страна на министерот и претставниците на институциите, останува кај некој горчината, ако личниот проблем нема законско решение, некој аплауз, меѓусебна солидарност…се заедно чувство на соработка со владата и институциите.
По завршување на трибината повторно се расположуваат, па ни приоѓаат да се доискажат, да закажат состанок, да ги остават документите што ги носат, се обраќаат до директорите на АХВ, Платежна, ДЗИ со конкретни проблеми, а директорите трпеливо на сите им излегуваат во пресрет. И се испраќаме со желба за повторна средба.
Не е лесно и не се едноставни овие средби, состојбата во земјоделскиот сектор со години е лоша и не може да очекувате задоволни земјоделци оти колку и да се работи не може во една година да имате спектакуларни резултати, особено во сточарството. Но кога знаете дека работите, кога знаете што сте нашле како состојба и колку труд, енергија и искрена посветеност во работата, личен но и тимски, вие пред земјоделците одите со чист образ. Не ги притискате, не манипулирате, не ги уценувате. Само кажувате што сте сработиле.
Овој момент за нив е нов, но ќе се научиме со годините и заедничката работа што ни следи.
Најлесно е да си седиме во канцеларија и од таму да кроиме аграрна политика, никој нема да ни се жали, ќе бидеме мирни. Но сме го одбрале овој пат затоа што тоа е единствениот исправен начин ако сакаш да направиш реформа во агарот.
Земјоделците тоа ќе знаат да го препознаат, ќе се носиме со провокации, ќе докажуваме дека довербата во институциите може да се врати.
Ако во тоа ни помогнат и медиумите, не да не фалат туку со вистински информации кои им требаат, со едукација, со промовирање на новите мерки, тогаш побрзо ќе им помогнеме на земјоделците, а агросекторот како важна стопанска гранка од која егзистираат 200 000 земјоделски семејства ќе има поголем развој.
Ленче Николовска- Посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РСМ