Македонија eдинствено го промени редоследот на активности при увозот на брашно во насока на заштита на здравјето на граѓаните, ниту воведува нови давачки, ниту, пак, нецарински и нетарифни бариери, туку напротив ја олеснуваме постапката и протокот и ја намалуваме цената на контролните маркици за увозното брашно, порача вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
– Не мислам дека имаме трговски спор со Србија. Македонија само го промени редоследот на активности при увозот на брашно во рамки на истиот правилник без да воведуваме нови услови. Сега прво се прави анализа на увезеното брашно од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, а потоа се добиваат контролните маркици од Министерството. Досега било обратно, прво се давале контролните маркици и брашното се пуштало во промет, а по седум до 10 дена се добивале анализите од АХВ, рече министерот Николовски во одговор на прашање по промоцијата на новите кандидати за полициски службеници во Центарот за обука – Идризово.
Намалувањето на цената на контролните маркици од 1,5 на 0,2 денари за брашно од 25 килограми, додаде, значи намалување на трошоците кои ги имаат увозниците.
– Контролните маркици се воведени на барање на увозниците и на домашната индустрија и со правилникот само се изедначуваат домашните производители со увозниците. Логично и нормално е прво да се направат анализите, а потоа да се пушти брашното во промет. Наместо да се лепат контролните маркици во Србија и брашното да стига на граница со залепени контолни маркици и веднаш да се пушта во промет, сега ќе треба да биде складирано во магацините кои ги имаат регистрирано увозниците, а по проверките од АХВ да биде ставено во промет, појасни Николовски.
Со српскиот министер Расим Љаиќ, посочи, сум во секојдневна и постојана телефонска комуникација и разговорите на оваа тема ќе продолжат и денес.
– Убеден сум дека ќе најдеме начин да се реши овој притисок кој доаѓа од македонските увозници во соработка со српските трговци со брашно. Се дискутираат аргументите и има конкретни предлози како да се надмине проблемот, а со министерот Љаиќ се договоривме да се формира комитет помеѓу двете земји, кој во рок од 30 дена ќе ги отвори сите можни прашања. Закажана е и заедничка меѓувладина седница во Ниш, рече Николовски и додаде дека не постои никаква трговска војна меѓу двете држави.