Нови случаи на африканска свинска чума во Србија и во Бугарија

Вести Сточарство

Нови случаи на африканска свинска чума во соседството. Во Србија се регистрирани заразени диви свињи, додека во Бугарија вирусот е присутен и во четири фарми. Од Агенцијата за храна и ветеринарство уверуваат дека Македонија е безбедна, но мерките на претпазливост ќе продолжат да се применуваат.

“Опасноста од појава на африканска свинска чума не е помината. За тоа најмногу збори и вчерашната објава од страна на Србија дека во регионот на Димитровград и на Пирот имаат утврдено дека се појавил вирусот на африканска свинска чума кај дивите свињи во тие два региони. Минатата недела имаше четири настани на комерцијални фарми во Бугарија, додека пред Нова Година имавме известување дека во близина на Благоевград е евидентирано присуство на вирусот кај дива свиња”, изјави Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

И натаму трае забраната за увоз и транзит на свинско месо и добиточна храна од државите каде е утврдено присуство на болеста. Од АХВ апелираат фармерите да ги почитуваат пропишаните биосигурносни мерки во одгледувалиштата, а граѓаните да не внесуваат храна од животинско потекло во земјава.

“Јас само би набројал дека е забрането да се чуваат свињи на отворено, дека свињите не смеат да ги хранат со помии, би повикал луѓето кои патуваат во странство да не носат во куферите храна од животинско потекло, особено производи од свинско месо, затоа што тоа е најлесниот начин да ја донесете болеста од некоја друга земја во нашата држава”, апелира Атанасов.

Африканската свинска чума не ги напаѓа луѓето, но е високо заразна вирусна болест кај свињите, која бргу се шири. Предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството, не се лекува и не постои вакцина за заштита.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *