Нови стратегии за поголем број на земјоделски осигуреници

Вести

Се размислува за нов модел на осигурување во земјоделството зашто бројот на склучени полиси, и покрај владините субвенции од 60 отсто, континуирано и значително се намалува.

– Мора да се најде начин како земјоделците да ги осигуруваат своите посеви, наместо да чекаат отштета од државата како што беше изминатиот период. Затоа се размислува за нов, функционален модел, за кој ќе се разговара уште денеска, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Пред почетокот на трибината за осигурување во земјоделството, Николовски потенцира дека осигурувањето е клучно, особено поради климатските промени, кои се се поизразени.

–  Во една од годините мерката била искористена во износ од 71 милион денари, годинава исто така се предвидени овие средства, но реализацијата од година во година се намалува. Како Влада се обврзуваме дека мора да најдеме начин како земјоделците да ги осигураат своите псоеви. Денешната трибина е само почеток на интензивна дебата за изнаоѓање модели и начини за имплементирање на осигурувањето во земјоделството. Не постои една мерка за решавање на овој проблем. Затоа се одлучивме за длабински, функционален, нов систем на краток, среден и долг рок, информира Николовски.

Во оваа насока, дополни, ќе се користат искуствата на Шпанија и Турција.

Според директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски, бројот на осигурителни полиси во земјоделството е намален за околу 60 проценти. Во 2015 година бројката на полиси била 5.000, а лани се продадени само 2.000. Во просек, годишно, досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари.

Министерот истакна дека осигурените земјоделци имаат пристап до повеќе субвенционирани програми за разлика од неосигурените, но и дека долгорочно, осигурувањето ќе го растерети буџетот кој сега во најголем дел се троши токму на исплата на штети.

„Покрај директната корист која ја имаат земјоделците од осигурувањето, самото Министерство ќе има повеќе средства на располагање за реализација на капиталните инвестиции, кои секако одат во прилог на сите земјоделци“, порача Николовски.

Во просек, годишно, досега за осигурување во земјоделството од елементарни непогоди се исплаќаа по 300 милиони денари. Заради негативните трендови во осигурувањето се размислува и за менување на целиот систем на осигурување во земјоделството.

Министерот Николовски и директорот Попоски, порачаа дека во периодот што следува ќе се работи на среднорочна и долгорочна стратегија за развој и зголемување на интересот за осигурување на земјоделското производство. При тоа во опција е проектот предложен од страна на реосигурителната компанија Европа Ре, во која државата се јавува како основач. Долгорочна стратегија би била врз основа на странските искуства во областа на осигурување на земјоделството.

Присутните земјоделци имаа забелешки до осигурителните компании за начинот на проценки кои што ги вршат компаниите. Земјоделците побараа од осигурителните компании до ноември во тековната година, да имаат објавено програмата, за да можат навреме да се информираат за пакетите што ги нудат компаниите.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *