Ново загадување на Дебарско Езеро, овој пат кај Мелнички Мост

Вести

Регистрирано е ново загадување на Дебарско Езеро, овој пат кај Мелнички Мост, што е втор случај во последните неколку дена.

Под мостот, кој се наоѓа на патниот правец Дебар – Маврово, кај кракот за Центар Жупа, во водите на Дебарското Езеро била истурена поголема количина на црна леплива материја што наликува на битумен.

Загадувањето во Одделението за внатрешни работи во Дебар било пријавено завчера попладне, по што спроведена е вообичаената постапка, со увид од страна на полициска екипа и јавен обвинител.

За последователното загадување на езерото бил информиран и надлежниот инспектор за животна средина во Гостивар, кој за МИА потврди дека е запознаен, дека се преземаат потребните активности, но детали не соопшти.

Првото загадување беше во саботата, кога во езерските води кај месноста „Венец“, во близина на градската плажа беше излеана темна супстанца, за која се сомнева дека е мазут.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) информираше дека на 20 март до надлежниот инспектор во Гостивар била доставена информација од полицијата за излевање на темна супстанца во Дебарско Езеро, која предизвика угинување на жив свет во езерските води.

Со цел навремено обезбедување доказен материјал, инспекторот дал насоки на полицијата за правилно земање мостри од езерото и од соодветни локации долж канализациската мрежа. Земањето примероци, било спроведено во текот на денот.

По излегување на терен подготвен е предмет кој е доставен до Основното јавно обвинителство во Дебар.

За делото опишано во Кривичниот законик во член 218 „загадување на животната средина и природата“, предвидена е казна затвор во траење од четири до десет години или парична казна.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *