Од Битола започнува едукативната кампања за зголемување на земјоделското осигурување „Не гледај во небото, осигури се!

Вести Градинарство Лозарство Овоштарство Органско производство Полјоделство Пчеларство Совети Сточарство тутун

Климатските промени се еден од најголемите предизвици со кој се соочува човештвото. Како последица на покачувањето на содржината на гасовите кои создаваат ефект на стаклена градина во атмосферата се очекува наголемување на температурата на глобално ниво. Влијанието на покачената температура врз приносите на земјоделските култури само по себе не мора да биде негативно, но треба да се има во предвид дека покачената температура силно влијае врз покачувањето на испарувањето на водата и зголемување на потребата на земјоделските култури за вода. Поголемите потреби за вода се пропратени со намалени врнежи во вегетацискиот период и се јавува силно изразен недостиг на вода за нормален раст и развој на земјоделските култури.

Се смета дека активностите на луѓето влијаат врз климата, која е една од компонентите на средината. Климата за возврат влијае врз земјоделството, како една од основните стопански гранки на секоја земја. Со цел да се намали или барем да се ублажи негативното влијание од сé поприсутните климатски промени врз земјоделското производство, неопходно е да се отпочне со примена на мерки на адаптација, кои би биле ефикасни на краток или среден рок, а во исто време лесни за имплементација како во практична така и во економска смисла. Но, паралелно додека се превземаат стратешки мерки, земјоделецот мора да си го осигура родот со осигурителна полиса.

Земјоделците воглавно чекаат само на директната помош од државата за надоместување на штетите што ги претрпеле од поплавите и други временски неприлики. Постапката за исплатата на отштетата трае подолг период, а сумата во фондовите што се наменети за таа цел не може да одговори за реалните потреби на производителите. При многу големи штети со голем број на оштетени, помошта изнесува 10%, што не е доволно за да се покријат реалните трошоци, направени од климатските непогоди. Но, сепак, во бројки тоа изнесува околу 5 милиони евра трошок, за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството.

Најдобро е земјоделците да ги осигураат своите површини, одноно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството.

Поддршка во осигурувањето добиваат и од Министерството за земјоделство кое покрива дел од трошоците за осигурителната полиса, односно се покриваат 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање. На овој начин ќе се избегнат сите несакани фактори од време, од град, од поплави, така што земјоделците ќе имаат можност да дојдат до одредени средства преку отштетата што ќе ја исплати осигурителната компанија.

Дека земјоделците чекаат само на добивање отштета од државата, потврдуваат и податоците превземени од АФПЗРР и МЗШВ дека во 2016 година исплатени се 86 636 161 денари на вкупно 3538 баратели, додека во 2017 година исплатени се  52 822 127 денари на вкупно 1496 баратели за осигурување.

Од вкупно регистрираните земјоделци само 4 проценти се осигурени со полиса за земјоделско осигурување. Поголем е процентот на правните лица кои ги осигураат земјоделските површини, отколку процентот на физички лица, односно 28 отсто од премијата припаѓа на физички лица, а 72 отсто на правни лица.

86 проценти од вкупната премија се однесува на осигурување на посеви и плодови, а 14 проценти на осигурување на добиток. Најчесто се осигуруваат лозовите и овошните насади, житните и градинарски култури, а освен од град, пожар и гром, насадите се осигуруваат и од пролетен мраз и губење на квалитет.

Остварените приходи од продажба на полиси за земјоделско осигурување заклучно со трет квартал 2018 година достигнуваат најголем износ на премии, односно 210 милиони денари, додека исплатените штети изнесуваат 125 милиони денари.

Кампањата за зголемување на земјоделското осигурување ја организира Здружение за земјоделци „Современо Земјоделство“ во соработка со осигурителни компании: Триглав, Евроинс, Сава, Кроација и СН Осигурителен Брокер Битола.

На трибините, покрај земјоделци, стопанственици, претставници на осигурителните компании, учество ќе земе МЗШВ, АПРЗ, АФПЗРР и Посебниот советник за земјоделство, шумарство и водостопанство во КПВРСМ, Ленче Николовска.

Преку проектот „Кампања за зголемување на земјоделското осигурување“ ќе се направи голема едукативна кампања, која најпрво ќе има за цел точно и кокретно да ги информира земјоделците што значи осигурувањето на земјоделското производство. Ќе се стави акцент на осигурување на посеви, плодови на овошни насади, лозови насади, житни, градинарски и индустриски култури од ризиците град, пожар, гром, пролетен мраз, поплава и луња. Целта е значително да се подигне јавната свест, со што би се зголемил интересот и бројот на осигурителни полиси во земјоделското производство, но и полисите за осигурување на живот и имот, бидејки сите знаеме дека земјоделците воглавно немаат никакво пензиско и здравствено осигурување, а работат во фабрика на отворено, па треба да сфатат колку е битно да го осигураат својот живот и имот. Овој проект има уште една битна цел, а тоа е да се подигне јавната свест и за превентивата во земјоделското осигурување. Ова можеби е и најбитниот фактор, бидејки полисите со висок и низок ризик не се исти, а од друга страна, и штетите од климатските промени ќе бидат многу помали доколку родот е заштитен.

Ќе се изработат видео спотови, мини-филмови и документарци, лесно разбирливи за публиката, со совети од стручни лица, со нагласување на потребата зошто е битно да се направи осигурителна полиса и со силно поттикнување и подигнување на јавната свест, преку прикажување на лични, реални примери, со потенцирање на бројки и компарации од соседни земји, ќе се знае што точно се нуди од осигурителните компании, субвенционирањето од државата и зошто полисата е првиот чекор што треба да го направи секој земјоделец.

Датуми и места за одржување на едукативни трибини во склоп на „Кампања за зголемување на земјоделското осигурување“

  1. Трибина број 1: Битола, 20 јуни, четврток, 18 часот
  2. Трибина број 2: Неготино, 27 јуни, четврток, 18 часот
  3. Трибина број 3: Тетово, 04 јули, четврток, 18 часот
  4. Трибина број 4: Ресен, 08 јули, понеделник, 18 часот
  5. Трибина број 5: Струмица, 11 јули, четврток, 18 часот
  6. Трибина број 6: Кочани, 16 јули, вторник, 18 часот

Слоганот на целокупата кампања ќе гласи „Не гледај во небото, ОСИГУРАЈ СЕ!“.

 

Директни и индиректни корисници на резултатите од активноста ќе бидат земјоделците, осигурителните компании, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и генерално целото општество, бидејќи без задоволен земјоделец, нема добри приноси и производи, без осигурување, нема сигурна иднина за нивната „фабрика на отворено“. Бројот на регистрирани земјоделци во државата изнесува околу 72.000 земјоделци а се располага со 190,752 хектари обработливо земјиште. Преку овој значаен проект ќе се подигне свеста кај сите нив, и значително ќе се зголемиме бројот на осигурителни полиси.

Своевремено ќе се даде простор на земјоделците да дадат свои предлози и сугестии, и по целокупната кампања во соработка со соодветните институции, осигурителните компании а посебно со Министерството за земјоделство, ќе се потрудиме да се најде соодветно решение, доколку е тоа потребно.

М-р Билјана Петровиќ

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *