Од почетокот на јули ќе почне исплаќањето на средствата за „зелената нафта“

Вести

Од почетокот на јули ќе почне исплаќањето на средствата за „зелената нафта“, најави денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски на работната средба со претставниците на здружението „Бело злато“ и со земјоделци од кочанскиот регион.

На средбата на која присуствуваа и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски како и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, се разговараше за актуелни прашања од реализацијата на програмите на ресорното министерство, како и за подготовките за пријавувањето на земјоделците за добивање субвенции, со оглед на актуелната состојба со епидемијата од КОВИД-19 и почитувањето на посебните протоколи.

– Земјоделските производители сè почесто се жалат за подводнување на нивите или пак повлекување на водата, што значи дека регулацијата на речното корито е од голема важност за целиот регион. Сметам дека треба да се направи студија што ќе ја потврди оправданоста од таквиот зафат, на потегот од Виница до Штип, со кој водата постојано ќе се држи на исто ниво кое нема да ги загорзува земјоделските површини. Тоа ќе овозможи добро планирање на земјоделските култури што ќе се сеат и поголема ефикасност во искористувањето на водниот потенцијал, истакна Илијев.

Во однос на изградбата на браната Речани на Оризарска Река, министерот Димковски информираше дека во почетокот на јули ќе почне ископот на т.н. опточен тунел, со што практично ќе стартуваат градежните работи на терен.

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *