Одбележување на Светскиот ден на храната под мотото ‘’Нашите акции се нашата иднина. Подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот’’.

Вести

Со денешниот настан во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Егри (Општина Битола), Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и партнерите го одбележаа Светскиот ден на храната, под мотото ‘’Нашите акции се нашата иднина. Подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот’’.

Светскиот ден на храната оваа година повикува на глобална солидарност и акција за трансформирање на нашите земјоделско-прехранбени системи, менувајќи го начинот на кој ја произведуваме, трансформираме, консумираме и фрламе храната – од владите, до приватните компании, земјоделците, граѓанските организации, академијата и сите поединци, вклучувајќи ги и најмладите!

 

Оваа година, ФАО го доближи Светскиот ден на храната до децата од руралните средини, поттикнувајќи ја нивната свест и познавање за значењето на земјоделско-прехранбените системи и како тие можат да бидат нашите херои на храната и да ги направат системите за храна поодржливи, поотпорни, поправедни и поинклузивни.

Во своето обраќање на настанот, Постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, истакна дека ова е втора година како Светскиот ден на храната се одбележува за време на пандемијата со Ковид-19, тежок период што ги наруши земјоделско-прехранбените системи и предизвика невидена глобална економска рецесија, која влијае на егзистенцијата на многумина.

 

Истовремено, таа истакна дека начинот на кој ја произведуваме, консумираме и, за жал, ја фрламе храната, нанесува огромна штета на нашата планета и притисок врз природните ресурси, животната средина и климата. Три милијарди луѓе не можат да си дозволат здрава исхрана, додека прекумерната тежина и дебелината се во постојан пораст ширум светот. Ваквата неефикасност, посочи Дуџак, не чини трилиони долари, но што е најважно, денешните земјоделско-прехранбени системи откриваат длабоки нееднаквости и неправди на глобално ниво. ‘’Со постојан раст на светското население, кое се очекува да достигне 10 милијарди до 2050 година, треба да го нахраниме светот, негувајќи ја планетата. Затоа ‘’време е да погледнеме во иднината што треба да ја градиме заедно, со градење долгорочна отпорност и промена на начинот на кој ја произведуваме и консумираме храната, почнувајќи од најмладите генерации’’ додаде таа.

 

Кирил Георгиевски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во својот поздравен говор истакна дека во кризата со Ковид-19 повеќе од било кога го увидовме значењето на земјоделството и домашното производство на храна. Тој истакна дека Република Северна Македонија, како дел од Обединетите Нации и членка на ФАО, останува посветена на спроведување на проекти и програми чија цел е подобрување на продуктивноста и конкурентноста на земјоделското производство и унапредување на животот во руралните средини. Во таа насока, тој го посочи селото Егри, кое не случајно е домаќин на Светскиот ден на храната годинава, како првиот успешен македонски проект за консолидација на земјоделско земјиште со промена на границите, кој освен окрупнување на парцелите, опфаќа и инвестиции во нови пристапни патишта, канали за одводнување и наводнување, во рамки на проектот МАИНЛАНД финансиран од Европската унија и ФАО.

 

  1. ‘’Надоврзувајќи се на долгогодишното партнерство со локалната заедница во Егри, оваа година за Светскиот ден на храната фокусот го ставаме на најмладите’’, истакна Кристина Митиќ Арсова од канцеларијата на ФАО во Скопје. Таа потенцираше дека децата во Егри имаат особен потенцијал да го искористат изобилствотото на локално знаење за земјоделство и производство на храна и да бидат идните херои на храната.

 

Дополнително на консолидацијата на земјиште, во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ФАО дава поддршка на локалниот развој на заедницата во Егри, врз основа на потребите на локалното население, како што е тековното реновирање на објектот на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Егри, домаќин на денешниот настан. ‘’Се надеваме дека со тоа ќе придонесеме за подигнување на квалитетот на образованието на децата и обезбедување соодветни услови за нивно активно учество на ниво на училиште и на заедница, вклучително и нивниот ангажман во овозможување на Свет без глад и одржлив развој’’ – додаде Митиќ Арсова.

Настанот го одбележаа бројни активности, вклучително предавање на тема ‘’Земјоделско-прехранбени системи и патот на храната од нива до трпеза’’, лична приказна на локален херој на храната, ликовна активност за учество на глобалниот конкурс на ФАО за постер по повод Светскиот ден за храната 2021, како и пазар на најпознатите локални земјоделски производи од село Егри, организиран од учениците и нивните наставници во училишниот двор.

 

Со изборот на храната што ја јадеме, влијаеме на нашето здравје и здравјето на нашите земјоделско-прехранбени системи. Да ја почитуваме храната и нејзините производители, и да се приклучиме на глобалните напори за обедбедување на доволно здрава храна за сите, преку подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот, почнувајќи од најмладите – е пораката упатена од годинешниот Светски ден на храната во Егри.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *