Пчеларството оди во нагорна линија и е важен елемент во сите сфери на современиот човек. Имаме пчелари од сите бранши и од сите старосни структури. Пчеларството станува семеен бизнис. Голем број млади се определуваат да се занимаваат со пчеларство, истакна претседателот на Пчеларската федерација, Јане Марков на отворањето на Пчеларскиот саем на 23-ти март, на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
На саемот имаше 20 изложувачи од сите делови на државата, на штадовите беа изложени мед и пчелни производи, а се нудеше и пчеларска опрема за потребите на пчеларите. Единаесет пчеларски здруженија, активно членуваат во Пчеларската федерација, а членуваат и поединци пчелари.
– Поради климатските промени медот е со намален принос и имаме недостиг на квалитетен македонски мед. Граѓаните имаа можност да го дегустираат вистинскиот мед.
Во врска со субвенциите рече дека државата преку програмите одвојува 600 денари по презимено пчелно семејство.
Главен покровител на Пчеларскиот саем е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, домаќин беше Град Скопје, а организатор беше Пчеларската федерација.