По вчерашното невреме проследено со силен ветер и град кое го зафати и гевгелискиот крај, се огласи Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков и ги повика сите оштетени граѓани да ги пријават штетите.
– Денес извршивме увид на состојбата во Негорци после вчерашното невреме. Градот и силните ветрови предизвикаа значителна штета на земјоделското производство. Комисијата за проценка на штети денес излегува на терен за првично согледување на состојбата. Сите граѓани кои претрпеа штети од невремето можат да пријават штета до петок (27 јули) во општинските канцеларии во населените места или директно во Општината, рече Поцков.
Најголеми се оштетувањата на земјоделските култури и лозјата на кои бербата само што почна, а според првичните неофицијални проценки во делови на Негорци тие се целосно уништени, а некаде оштетувањата изнесуваат од 50 до 75 отсто.
Општинската комисија веќе се наоѓа на терен за да ги утврдува настанатите штети и ги информира земјоделците дека пријавувањето на штетите ќе се врши до петок во општинските канцеларии во Гевгелија, Негорци и Миравци.
Врз основа на поднесените пријави од оштетените земјоделци, Комисијата од утре ќе почне со индивидуалната проценка на штетите од невремето.
Невремето во село Негорци направи штети на расад зелка, јапонски јаболка, грозје, рана зелка за преработувачки капацитети.
Б. П. за Современо Земјоделство