Повик за учество на Tендер за „Изградба на канали за одводнување, проширување на постојниот систем за наводнување и изградба на тампонирани патишта во село Егри, општина Битола“

Вести Огласи

Проектот финансиран од Европската унија “Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), кој го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објави јавен тендер (Референтен број: 2021/CSAPC/REUTD/109117) за извршување на услуги за ‘’изградба на канали за одводнување, проширување на постојниот систем за наводнување и изградба на тампонирани патишта во село Егри, општина Битола“.

Активностите што ќе треба да се спроведат во рамки на тендерот вклучуваат градежни работи поврзани со земјоделската инфраструктура во консолидационото подрачје Егри, поконкретно: изградба на тампонирани патишта, изградба на нови канали за одводнување и изградба, т.е. адаптација на постојниот систем за наводнување со локално проширување во рамки на консолидационото подрачје.

 

На тендерот можат да учествуваат сите градежни компании регистрирани во Северна Македонија, кои поседуваат Б Лиценца за градежни работи издадена од Министерство за транспорт и врски на Република Северна Македонија.

 

Со цел да имаат пристап до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар – United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании ќе имаат право да учествуваат.  После успешна регистрација  компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал  (www.ungm.org/Account/Account/Login).

 

Крајниот рок за поднесување на понуди за тендерот е 20 април (вторник) 2021 година, до 12:30 часот.

Повеќе информации:

Селото Егри (Општина Битола) е првиот проект за консолидација на земјоделско земјиште во Република Северна Македонија по принципот на распределба на земјиштето со промена на границите. Собранието на учесници во консолидација на земјоделско земјиште од Егри со мнозинство гласови од сопствениците го усвои Планот за распределба на земјоделското земјиште во Егри на 29 јануари 2020 година. Консолидацијата во Егри зафаќа 336 ха земјоделско земјиште и во процесот се вклучени 214 земјоделци. Планот за распределба на земјоделското земјиште во Егри вклучува намалување на бројот и промена на формата на 874 земјишни парцели во 260 парцели со просечна големина од 1.30 ха (во споредба со 0.38 ха просечна големина пред консолидацијата). Планираните инвестиции за подобрување на земјоделската инфраструктура ќе бидат извршени како последен чекор во процесот на консолидација на земјоделското земјиште во Егри, што опфаќа градежни работи за канали за одводнување и пристапни (сервисни) патишта, како и надградба на постојниот систем за наводнување во Егри.  Пред да биде објавен тендерот, во јануари 2020 година се усвои со мнозинство гласови од сопствениците Планот за распределба на земјиштето во Егри. Како следен чекор, се изготви геодетски елаборат за консолидација на земјиштето во Егри и технички дизајн на новата земјоделска инфраструктура. Регистрацијата на ново-формираните парцели во Катастарот за недвижности е во тек, утврдувањето на мери и граници (околчување) на новите катастарски парцели во консолидационата област ќе се финализира во текот на тендерската процедура, а сопствениците ќе имаат право на сопственост и користење на ново-формираните парцели во моментот на започнување на градежните работи. Процесот на издавање на неопходата градежна дозвола е во тек. Со изведувачот нема да се склучи договор пред да биде издадена градежната дозвола.

 

За проектот:

Проектот “Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште” (МАИНЛАНД) e финансиран од Европската Унија, a го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) за поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2.86 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2.5 милиони евра) и придонес на ФАО (0.36 милиони евра).  Истиот се спроведува во времетраење од 54 месеци, почнувајќи од март 2017 до август 2021 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со расцепканоста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Веб страна на проектот: www.fao.org/in-action/mainstreaming-national-land-consolidation-programme/mk/

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *