Јавен повик: Дигитализација на земјоделството во сорaботка со IME, ФИТР и МЗШВ

Вести Огласи

Врз основа на член 27 од Законот за иновациската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13, 137/13, 41/14, 44/15, 6/16, 53/16, 190/16 и 64/18), а во врска со Правилата за организирање и спроведување на натпревари или предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата oд 20.01.2020 година, арх.бр. 01-514/17, Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 16.03.2020 година,арх.број 01-797/6, и Правилата  за дополнување на Правилата за организирање и спроведување на натпревари и предизвици за поттикнување на иновативноста во приоритетните области од науката и технологијата од 01.06.2020 година, арх.број 01-1662/5, Фондот за иновации и технолошки развој на ден 16.03.2021 година, го објавува јавниот повик за:

”Дигитализација на земјоделство”

Одржливото земјоделство е во срцето на “Целите за одржлив развој” на Обединетите Нации (ОН) и првиот основен чекор кон обезбедување на свет без глад (zero hunger). Согласно со Агендата на ОН, до 2030 година треба да бидат обезбедени одржливи системи за производство на храна и да се спроведат одржливи земјоделски практики што ја зголемуваат продуктивноста и производството, кои помагаат во одржување на еко-системите, кои го зајакнуваат капацитетот за прилагодување кон климатските промени, екстремните временски услови, сушата, поплавите и другите катастрофи и кои постепено го подобруваат квалитет на земјата и почвата.

КОВИД-19, како досега незапамтена здравствена, економска и социјална криза што ги загрозува животите и егзистенцијата, направи уште поголем предизвик во постигнувањето на овие цели. Во време кога сме соочени со ефектите на пандемијата врз прехранбениот и земјоделскиот сектор, потребни се навремени мерки за да се осигура дека синџирите за снабдување со храна се одржуваат во живот за да се минимизира ризикот од големи шокови што имаат значително влијание врз сите, особено врз сиромашните и најранливите категории.

Улогата на дигиталната иновација во земјоделството е да се искористи моќта на дигиталните технологии да пилотираат, забрзаат и го зголемат обемот на иновативните идеи со висок потенцијал за позитивно влијание во земјоделството и производсвото на храна. Во изминатиот период, земјоделството, заедно со ловство, шумарство и рибарството има остварено вкупен пораст на бруто додадената вредност од 4,5%. Секторот бележи континуиран годишен пораст на вредноста од 871.400.000 евра во 2014 година на 910.900.000 евра во 2019 година, освен во 2017 година поради влијанието на временските услови. Од друга страна, релативното учеството на земјоделскиот сектор во бруто додадената вредност е намалено од 10,2% на 8,1% поради поголемата додадена вредност остварена во останатите попропулзивни економски дејности. Заедно со преработувачката индустрија, учеството во БДП достигнува 12% во БДП, односно е на трето место после индустријата и услугите. Сепак оваа индустрија останува непрепознаена и фрагментирана, а прифаќањето на дигиталните технологии се одвива многу споро.

Дигиталното земјоделство идеално води кон економски раст со тоа што им овозможува на земјоделците да извлечат максимално производство од својата земја. Навремените и точни информации придонесуваат кон донесување на правилни и навремени одлуки што резултира со успех во одгледувањето на земјоделските култури, зголемена продуктивност и зголемени приходи.

Со овој предизвик, бараме напредни стартапи кои имаат веќе развиен прототип на иновативен производ / услуга, со кој ќе придонесат кон зголемување на продуктивноста и приходите на земјоделските стопанства, обезбедување на одржливи системи за производство на храна и забрзување на дигиталната трансформација на земјоделскиот сектор.

Да ја искористиме технологијата за да ги подобриме сите сегменти на земјоделското производство!

Овој предизвик на Фондот се реализира во партнерство со Минстерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).

 

Кој може да аплицира:

Јавниот повик е наменет за стартапи кои можат да понудат иновативно и/или технолошки напредно решение сами, или во соработка со установа која врши високообразовна, односно научно-истражувачка дејност или друго претпријатие.

Натпреварувачот (Водечкиот натпреварувач) треба да биде правен субјект кој ги исполнува следните услови:

  • Да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • Во моментот на аплицирање да не се поминати повеќе од 6 години од денот на основање на трговското друштво;
  • Да е со мнозинска македонска сопственост (со 50,1% или повеќе);
  • Годишните приходи на претпријатието да не надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра во претходните две фискални години, според финансиските извештаи;
  • Да е претпријатие со максимум 250 вработени;
  • Да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечен број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на капитална поврзаност со високообразовна, односно научно-истражувачка установа;
  • Против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • Да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • Против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • Да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis), односно:
  • Да нема акумулирано повеќе од 200.000,00 (двестотини илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да нема акумулирано повеќе од 100.000,00 (сто илјади) евра помош од мало значење за период од три фискални години, вклучувајќи го и побараниот износ на средства од Фондот, ако претпријатието е активно во секторот за патен сообраќај, согласно Законот за контрола на државна помош и Уредбата за условите и постапката за доделување на помош од мало значење (de minimis);
  • Да не е во потешкотии (претпријатие во потешкотии е претпријатие кое не е во можност да ги исполнува своите обврски од сопствените ресурси или со средства што може да ги добие од својот сопственик/акционерите или кредиторите, за да ги запре загубите, кои без надворешна интервенција од давателите на помош со сигурност ќе доведат до краткорочен и долгорочен престанок со работа на претпријатието) и
  • Да не се занимава со производство на јаглен.

Доколку предлог-проектот вклучува соработка на Натпреварувачот со друго претпријатие, условите за партнерот се исти како и за Водечкиот Натпреварувач.

При аплицирање во партнерство или конзорциум, главен носител на проектот е Водечкиот Натпреварувач.

 

Линк до целиот повик:

Дигитализација на земјоделството

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *