Повик за учество на Tендер за извршување на Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија, Фаза. II – Планирање на распределба на земјиште во Дабјани

Вести Огласи

Во рамки на проектот финансиран од Европската унија “Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште” (МАИНЛАНД), спроведуван од Организацијата за храна и земјоделство при Обединети нации (ФАО) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, објавен е јавен тендер (Референтен број: 2020/CSAPC/REUDD/106757) за извршување на “Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Северна Македонија Фаза. II – Планирање на распределба на земјиште во Дабјани”.

Селото Дабјани е дел од Општина Долнени во близина на градот Прилеп.

Врз основа на резултатите од Студијата за оправданост (физибилити студија) неодамна спроведена во консолидационото подрачје Дабјани, консултантските услуги што ќе треба да се спроведат во рамки на објавениот тендер вклучуваат: проценка на вредноста на земјиштето, идеен дизајн на земјоделската инфраструктура, подготовка на План за распределба на земјиштето преку процес на партиципативно преговарање со сопствениците и корисниците на земјиштето и изработка на геодетски елаборат во проектното консолидационо подрачје, во согласност со Законот за консолидација на земјоделско земјиште и друга релевантна легислатива.

На тендерот можат да учествуваат овластени геодетски компании кои се регистрирани во Регистарот на вршители на работи во функција на консолидација на земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, во согласност со член 9-а од Законот за консолидација на земјоделско земјиште.

Со цел да имаат пристап до тендерските документи и да можат да поднесат понуда, заинтересираните компании треба прво да се регистрираат на Порталот на Обединети Нации за глобален пазар – United Nations Global Marketplace portal (УНГМ-UNGM) на: https://www.ungm.org/Vendor/Registration, бидејќи само регистрираните компании ќе имаат право да учествуваат.  После успешна регистрација  компаниите ќе можат да пристапат до тендерските документи и да ги поднесат своите понуди преку истиот UNGM портал  (https://www.ungm.org/Account/Account/Login).

Крајниот рок за поднесување на понуди за тендерот е 13 октомври (вторник) 2020 година до 09:30 часот.

 

Повеќе информации:

Консолидационото подрачје Дабјани е дел од Општина Долнени, лоцирано во средината на Прилепско Поле. Подрачјето опфаќа 742,9 хектари (ха) земјоделско земјиште, расцепканo на 602 парцели со неправилна форма, во сопственост на 84 сопственици на земјиште. Еден сопственик поседува седум парцели во просек, а скоро половина од вкупниот број на парцели (48%) се помали од 0,5 ха. Дабјани се карактеризира со претежно рамен терен и над 96 % од вкупната површина е плодно обработливо земјиште што се користи за земјоделско производство, главно житни култури (пченица, јачмен и пченка). Сите земјишни парцели во Дабјани се регистрирани во Катастарот на недвижности. Иницијативата за консолидација на земјиштето во Дабјани потекнува од самите сопственици на земјиште, која беше поднесена и избрана во рамки на Вториот јавен Повик за изразување на интерес за учество во консолидација на земјоделско земјиште на проектот МАИНЛАНД финансиран од Европската Унија, објавен на 13 јуни 2019 година.

Како прв чекор во консолидацијата на земјоделско земјиште, беше спроведена Студија за оправданост за консолидација во Дабјани во периодот мај – август 2020 година. Студијата ги испита структурата на земјоделското земјиште и земјоделското производство во Дабјани, состојбата со сопственоста на земјиштето, сите имотни и правни прашања, го оцени интересот и посветеноста на сопствениците да учествуваат во консолидацијата на земјиштето, нивните индивидуални потреби, како и потребите на заедницата за подобрувања во земјоделската инфраструктура. Врз основа на деталната анализа, се утврди  дека спроведувањето на консолидација на земјиштето во Дабјани е изводливо и дека 91% од сопствениците се многу заинтересирани за консолидација на земјиштето. Студијатата за оправданост даде позитивна препорака за спроведување на консолидација на земјиштето во Дабјани, по принципот на распределба со промена на границите, и за започнување на втората фаза од процесот – Планирање на распределба на земјоделското земјиште.

За проектот:

Проектот “Воведување на Национална Програма за Консолидација на Земјиште” (МАИНЛАНД) e финансиран од Европската Унија, a го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите Нации (ФАО) за поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство при спроведување на Националната стратегија за консолидација на земјиште за 2012-2020 година. Буџетот на проектот изнесува 2.86 милиони евра (финансиран од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (2.5 милиони евра) и придонес на ФАО (0.36 милиони евра).  Истиот се спроведува во времетраење од 54 месеци, почнувајќи од март 2017 до август 2021 година. Главната цел на проектот е да се реши проблемот со расцепканоста на земјоделското земјиште со цел да се зголеми конкурентноста на земјоделското производство, да се подобрат условите за живот во руралните средини и да се обезбеди одржливо користење на природните ресурси.

Веб страна на проектот: www.fao.org/in-action/mainstreaming-national-land-consolidation-programme/mk/

 

Овој канал не треба да се користи за да се добијат појаснувања за прашања поврзани со самиот тендер. За таа цел треба да се користат исклучиво канали наведени во тендерската документација.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *