Правата на жените во руралните средини се табу тема

Вести

Дава здравствена грижа, понекогаш ја има улогата на психолог, на адвокат, дава совети за подобра иднина на турските жени. Доктор Абдураманова има ординација во село на планината Плачковица. Раскажува дека на тамошните жени им помага речиси цела деценија. Вели, нивниот живот е традиционален, изолирани се од другото население.

„Секојдневно на тие жени им помагам, не само кога имаат здравствени проблеми, понекогаш се наоѓам во позиција да им помагам како психолог терапевт, адвокат, им делам совети за различни животни искуства. Постојано сум во допир со нивните проблеми“, вели д-р Јелиз Абдиева Абдураманова, жена од рурална средина.

Повеќе пречки, отколку можности- ваква е состојбата на жените во руралните средини, покажуваат спроведени истражувања. Во некои села воопшто нема лекар, има и жени кои немаат осигурување и кои здравствените услуги ги плаќаат приватно. Се предлага воведување мобилни амбуланти.

„Голем дел од жените, заради неинформираност, заради тоа што системот не нашол начин да пристапи, да ги интегрира, остануваат неосигурани, и иако имаат многу ниска заработка, сепак ги плаќаат здравствените услуги, само кога ќе им затребаат, значи нема тука превентива или редовни прегледи“, вели Ана Василева, истражувачка на анализата за состојбата на жените во руралните средини.

Министерот за здравство вели дека е почнат проект за поголема грижа за здравјето на жените од руралните средини.

„Анализата која што ќе ја направат експертски тимови подржани од експерти од СЗО, кои веќе се во земјава и почнуваат со посета на сите гинеколошки болници ќе ни овозможи да знаеме во кое родилиште во која здравствена установа која проблематика може успешно да се третира врз основа на соодветни критериуми“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Од Хелсиншкиот комитет посочуваат дека правата на жените во руралните средини се уште е табу тема.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *