За да може да го дадат максималниот принос и квалитет, овошните садници бараат соодветни почвени услови, но и соодветно ѓубрење. Испитувањето на почвата е важно да се направи пред садењето на овошните дрвца за да се оценат почетните услови на површината и да се преземат мерки за нивно подобрување. Од друга страна, земање на почвени проби на одреден временски интервал се прави за да се види дали почвените услови се менуваат и да се даде соодветна и правилна програма за ѓубрење на овоштарникот.
Кога се зема почвена проба од површината којашто е планирана за овоштарник, пред да бидат засадени садниците, се земаат 15 до 20 поединечни почвени проби на хектар на длабочина 0-30 см, од местата каде што ќе бидат засадени овошните садници по цик-цак линија или случаен избор на местата од каде што се зема почвена проба. Од поединечните проби земени од еден хектар се прави една унифицирана проба за агрохемиска анализа на почвата. За следење на состојбата со хранливите материи во почвата кај веќе оформен овоштарник агрохемиска анализа на почвата од овоштарникот се врши на секои три години. За таа цел се одбираат 6 добро развиени и 6 послабо развиени овошки на хектар. Посебните почвени проби се земаат одделно од добро развиените и послабо развиените дрвја на декар површина. Од еден хектар овоштарник се прави една унифицирана почвена проба од добро развиените овошни дрвја и една унифицирана почвена проба од послабо развиените овошни дрвја.
Кога сите посебни проби се собрани во пластична кофа, грутките се раскршуваат, се отстрануваат крупните растителни остатоци и камења. Најлонското ќесе со конечната унифицирана проба се става во друго најлонско ќесе и во него се става хартиено ливче на кое со молив се запишани податоците за пробата (име на земјоделецот, парцела од која е земена пробата, датум на земање).
АГРОХЕМИСКА АНАЛИЗА НА ЛОЗОВ НАСАД
Лозјето е повеќегодишен насад кој бара соодветни почвени услови, како за успешно поставување, така и соодветно ѓубрење за да може правилно да се развива и да даде максимален принос и квалитет. За да се оценат почетните услови на површината и да се преземат мерки за нивно подобрување, агрохемиската анализа најдобро е да се изврши пред садење. Од друга страна, земање на почвени проби на одреден временски интервал се прави за да се види дали почвените услови се менуваат и да се даде соодветна и правилна програма за ѓубрење на лозовиот насад. Пред да се засадат калемите, треба да се направи агрохемиска анализа на површината планирана за лозов насад. Од местата каде што ќе бидат засадени калемите , движејќи се во цик-цак линија, од длабочина 0-30 см се земаат 15 до 20 поединечни почвени проби на хектар. Од поединечните проби земени од еден хектар површина се прави една унифицирана проба. Заради проверка на состојбата на хранливи материи најдобро е прво со раскопување да се провери на која длабочина се наоѓаат корењата на чокотите. Кај лозов на- сад со инсталиран систем за наводнување капка по капка почвените проби се земаат од горните 30 см од почвата (во редот на лозата), околу 20 см од местото каде што е поставена капалката. Доколку лозјето се наводнува со распрскувачи или по бразда, посебните проби се земаат на истиот начин помеѓу редовите на лозјето. Се земаат 15 до 20 посебни проби од хектар лозје од кои се прави една унифицирана почвена проба. Посебните проби се земаат по цик-цак линија, X или М модел. Кога сите посебни проби се собрани во пластична кофа, грутките се раскршуваат и се отстрануваат крупните растителни остатоци и камења. Посебните почвени проби внимателно и убаво се измешуваат за да дадат една конечна унифицирана проба.