Пролетниот период („розе пупка” до прецветување) од годината е најважен за заштитата на јаболкото. Во овој период најголем притисок во насадите има од примарните зарази на чадливата дамкавост на листот (Venturia inaequalis), која во подоцнежните фази (прецветување, формирање и пораст на плодови) создава секундарни зарази – краставост на плодот (Fusicladium dendriticum и Spilocaea pomi), кои се сериозна закана за јаболката.
Доколку во овој период немаме оптимална фунгицидна заштита, опасноста од секундарни зарази се зголемува прогресивно, а шансите за поправање на пропустите се многу мали. Само со спроведување на стратешки позиционирана и превентивна програма за заштита можеме да очекуваме здрави насади и сигурен и квалитетен род.
Чадливата дамкавост презимува на мртвото ткиво од опаднатите листови во овоштарникот, а може да се случи конидиите или аскоспорите да останат и на самото дрво (под кората, во мумифицирани плодови или заостанати листови по гранките).
Уште во раната пролет (март), со појавата на првите топли денови и повремени врнежи од дожд, условите за продолжување на развојот на болеста се задоволени. Габата формира плодоносни тела, аскуси, кои кога ќе ја достигнат зрелоста, пукаат и ослободуваат огромен број аскоспори кои носени од ветрот со брза прогресија ја шират заразата низ целиот овоштарник.
Затоа, секоја сезона за заштита на јаболкото треба да започне со „зимско третирање” против презимувачките форми на болести и штетници. Треба да се направи со комбинацијата од фунгицид и инсектицид. Значајно е да се напомене дека оваа апликација треба да се изврши со доволно количество вода за растенијата да бидат буквално искапени со растворот.
За развој на болеста неопходна е висока влажност (односно присуство на капка вода на растителните површини – дожд или роса), а во зависност од температурата, се разликува времетраењето до почетокот на инфекцијата. При температури од 0 до 100С се потребни од 14 до 48 часа до појава на инфекцијата, но ако температурите се од 10 до 240С, времето се скратува на само девет часа. Првите видливи симптоми ги забележуваме на крајот од инкубацискиот период кој може да трае и само осум дена ако температурите се околу 18°С.
Зимското третирање е одлична основа за почеток на сезоната, а со завршување на фенофазата „глувчеви уши” и почеток на „розе пупка” време е да се започне со спроведување на превентивната програма и „редовните” апликации.
Променливите временски услови не дозволуваат голем простор за импровизации и измени во редоследот и интервалите помеѓу третирањата. За секој производ кој се користи за заштита на растенијата постои место во програмата кога тој може максимално да ги докаже своите квалитети.
Фунгицидот е системски производ кој идеално се вклопува во програмата токму во овој период (се употребува во периодот од розе пупка до прецветување). Го заштитува растението „одвнатре” на тој начин што по навлегувањето во ткивото го спречува продирањето на габата во внатрешноста (спречува појава и ширење на инфекција). Карактеристично е тоа што одлично дејствува и при пониски средни дневни температури (околу 10°С) што е многу чест случај во пролетниот период. Го решава проблемот и на веќе започната инфекција во насадот, со куративно дејство (48 до 72 часа од почетокот на инфекцијата). За да се обезбеди и површинска заштита на растението, при подготовка на растворот за апликација му се додава контактен „партнер” кој дава заштита на површината на листот при евентуални поволни услови за инфекции во првите неколку денови по апликацијата (врнежи).
Интервалите меѓу апликациите во овој период се 7-10 дена, што значи дека во периодот до крајот на цветањето треба да се извршат две до три апликации (зависно од времетраењето на периодот од розе пупка до крајот на цветањето). Со тоа обезбедуваме континуирана фунгицидна покриеност на растителното ткиво во најкритичниот период од заштитата на јаболковите насади од чадливата дамкавост (краставоста на плодот на јаболкото).
Во текот на овој период е потребно да се употреби и производ за сузбивање на штетниците на јаболкото, кои веќе активно се хранат и причинуваат штети на младите делови од растенијата.