Првите количини пролетна зелка од Струмичко се извезуваат на балканските пазари и во Украина

Вести Градинарство

Првите количини пролетна зелка, која почна да стасува за берба деновиве, се извезуваат на пазарите од повеќе балкански земји и Украина, информираат трговци од Струмичко.

Зелката се откупува за 35 денари за килограм, цена прифатлива за производителите и трговците.

-Иако станува збор за први количини откупена и извезена пролетна зелка, сепак сме задоволни од интересот на пазарите каде што ја пласираме. Најмногу извезуваме во Украина и на пазарите од повеќе земји од Балканот. Екот на бербата се очекува некаде на почетокот на април, а засега откупуваме зелка со тежина од околу половина килограм. Се надевам дека во врвот на производствената сезона ќе продолжи интересот за зелката – изјави Благој Витанов, трговец од Струмица.

И производителите потврдуваат дека се берат првите количини пролетна зелка, која освен на откупните пунктови, ја продаваат и на пазарот на големо во Струмица.

-Во нашето село Дабиле, кое важи за еден од поголемите производствени региони, бербата штотуку почна. Годинава ја засадивме порано во пластениците, но заради лошите временски услови очекувам со интензивна берба да почнеме во првите денови на април. За нас е најважно во текот на бербата да имаме задоволителни откупни цени и да нема големи осцилации во пласманот, како што беше случај порано – велат производители од селото Дабиле.

Покрај пролетната зелка тече и откупот на зимската, која трговците ја откупуваат по 8 денари за килограм.

Инаку, во Струмичкиот регион се засадени над илјада хектари под пролетна зелка и се очекува принос од над 50 илјади тони.

Извор: МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *