Сечачите на дрва со полни раце работа: Повеќе се купува дабово дрво, а граѓаните набавуваат од пола до цел камион, во зависност од потребите

Вести

Сечачите на дрва од почетокот на летото па сѐ до доцна есен имаат секојдневни повици од граѓаните. Овој период од годината за нив е најповолниот и време кога ја остваруваат главнината од заработувачката.

И низ Кичево забележливо е продорното брмчење на машините за сечење дрва.

Самите сечачи на дрва потенцираат дека имаат доста работа и независно од тоа дали е празник или работен ден, повиците се континуирани, но единствено не работат кога врне дожд и кога е невозможно да се работи на отворено.

-Традиционално од почетокот на летото до доцна во есента од работа не можеме глава да дигнеме, секојдневно повици од сите страни, како од градот, така и од селата. Сите бараат што побргу да ги средат дрвата, за да не дојде период проследен со дождови, што може да ја одложи работата, а започна и грејната сезона и сите сакаат најкасно до крајот на октомври да ги имаат подготвено дрвата за затоплување на домовите, вели Сали Шаини, еден од најстарите сечачи на дрва во градот, кој скоро три децении се занимава со оваа работа.

Ги потенцира искуствата со граѓаните колкави количества огревно дрво набавуваат и каков вид на дрва најмногу трошат.

– Количествата на дрва што ги набавуваат граѓаните варираат од пола до цел камион или од 6,5 кубици до 13 кубика, во зависност од тоа на колку места ложат. Што се однесува до видот на дрвата, повеќето набавуваат дабово дрво, а помалубројни се оние што се греат со буково дрво. Како што велат самите, дабовите дрва поспоро гореле, додека буката дава пламен, но и побрзо согорувала, додаде Шаини.

Тој додава дека цената за сечење кубик дрва изнесува 150 денари, но во зимно време поради студот и тешките услови е нешто повисока.

Сечењето дрва е тешка и валкана работа и сѐ помалку млади имаат желба да ја работат и да ја продолжат семејната традиција.

– Како одминуваат годините, така бројот на сечачите во градот се намалува. Останати сме ние неколкумина постари сечачи, а наследници речиси и да нема. Младите би сакале нешто друго да работат, а не оваа работа. Ние потиснати од годините, сѐ повеќе го чувствуваме товарот на работата, бидејќи креваме тешки дрва, додека сечеме изложени сме на многу ѓубре што паѓа од дрвата. Проблем ни прават и издувните гасови што излегуваат од самата машина, како и бучавата што ја создава моторот при самата работа. Нашата работа е сезонска, во еден период имаме многу работа, а потоа следи период без речиси воопшто работа и без основни приходи, а тоа е зимата и раната пролет. Можеби и оваа несигурност младите ги тера да се определат за друга работа – вели Војче Илиоски.

Сечачите велат дека често ги викаат и по селата. Во тој случај ќе мора да потрошат гориво за пат, а од нив се бара дрвата да ги сечат по цената по која сечат во градот, не сметајќи на зголемените трошоци поради транспорт и амортизација на машината и секако на потрошеното време по пат, кое во овој период им е повеќе од скапоцено.

Извор МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *